Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (16.08.2015 00:42)

Илузија

 

Сите се наоѓаме во илузија – кој помалку, кој повеќе. Најголем проблем кај илузијата е тоа што таа нѐ дели од Божјата реалност, дејствувајќи на секое можно ниво од нашето битие; токму и затоа ја сметаме за посеопфатна заблуда од прелеста. Илузијата не ни ги заслепува само умот и  разумот како прелеста, туку и самите чувства и целото тело. Што е најлошо, поради илузијата ја губиме и целата сила да му се спротивставиме на гревот и правиме нешто што никогаш не сме имале намера да го направиме, односно се чудиме како сме можеле истото да го направиме, отпосле.

Основа на илузијата се неочистените страсти од срцето. Илузијата се појавува и нѐ опфаќа во оној момент кога ние конечно ќе се согласиме со демонската помисла и ќе ја прифатиме во нашето срце, и кога благодатта ќе отстапи од нас. А надвор од благодатта Божја сѐ е илузија. Значи, клучен е моментот на прифаќање на помислата, зашто тогаш таа добива доминантна и одлучувачка сила над нашето срце како духовен центар.

Потребно е да правиме разлика кога сме заробени од некоја страст и кога не сме заробени. Кога сме заробени, илузијата веднаш се активира. На пример, штом ни ја повредат суетата, гордоста, односно високото мислење за самите себе, илузијата веднаш се активира, нѐ опфаќа и паѓаме под нејзина власт. А сосем друго е кога илузијата треба прво да продре во нашето срце преку помислата, односно да нѐ наведе на разговор, да предизвика насладување, согласување итн.

За пад на некој што е на првиот степен од духовниот раст (очистување на срцето од страстите) е доволно илузијата да пробие преку помислата до срцето, додека, пак, за пад на некој што се наоѓа на вториот степен (просветлување на умот) е потребно да постои реална можност или објект за задоволување на страстите – без разлика дали тоа ќе биде власт или човечка слава, пари или имот, жена или маж, јадење, пиење, или каква било друга зависност. Безбедно е да не сме во можност или во близина на објектот на илузијата.

Значи, најбитно е да не влеземе во илузијата, односно во нејзините замки, зашто тогаш ја губиме силата да се бориме против неа. Бидејќи штом еднаш се влезе во просторот на можноста или на објектот, како и во времето на илузијата, тешко се спасуваме од гревот, особено ако сме  станале зависници – ако илузијата станала навика. Во таков случај е потребно во близина да имаме духовен отец, брзо да се исповедаме итн. Особено поради тоа што на првиот степен илузијата не може да се препознае – ја чувствуваме како дел од нас.

Одлуката за монашки живот е излегување од илузијата на овој свет, од општата илузија.

Деца, во одредена мера сѐ е илузија – додека сте на првиот степен од духовниот раст (очистување на срцето од страстите), освен словото на духовниот отец. Внимавајте, не реков дека не е илузија вашиот однос кон духовниот отец, туку неговото слово кон вас.  

Митрополит Струмички Наум

(според записот на сестрите)