Божествена Литургија во Водоча на празникот на Соборот на светите апостоли
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча на празникот на Соборот на светите апостоли (13.07.2015 01:29)

Нас Апостолите

 

Еве го, деца, сведоштвото и на пресветиот апостол Павле за добрите дела и добрите  плодови на новозаветното и есхатолошко свештенство − во сите негови димензии, кое, како што рековме, е незаменливо внатрешно духовно покритие за видливите свештенички чинови, кои преку Тајната на Апостолското преемство денес недостојно ги носиме.

„Браќа, нас апостолите, Бог нè постави најпоследни, како осудени на смрт; бидејќи станавме призор на светот – на ангелите и на луѓето. Ние сме безумни заради Христос, а вие сте мудри во Христос; ние сме немоќни, а вие сте силни; вие сте славни, а ние бесчесни. До овој час ние и гладуваме, и жедуваме, и необлечени одиме, се мачиме и се потураме по светов, но се трудиме, работејќи со своите раце. Кога нè укоруваат, ние благословуваме, а кога нè гонат – трпиме; кога хулат на нас, ние се утешуваме. Станавме како сметиште на овој свет, како отпад на сите луѓе. Но ова ви го пишувам не за да ве посрамам, туку да ве поучам како мои омилени чеда. Зашто, ако имате и на десетина илјади наставници во Христос Исус, многу татковци немате, бидејќи јас ве родив во Исус Христос преку Евангелието. Затоа, ве молам, подражавајте ме мене, како што јас – Христос“ (1. Кор. 4, 9-16).

А еве го сведоштвото и на Богочовекот Исус Христос за лошите дела и лошиот плод на старозаветното свештенство – во сите негови димензии, отпаднато од Духот на Стариот Завет. Тоа се истите искривувања и отстапувања од Вистината што ги гледаме и кај денешното свештенство (најпрво за самиот себе пишувам) кое го нема внатрешното духовно покритие за видливите свештенички чинови, кои преку Тајната на Апостолското преемство денес недостојно ги носи. Вие сами споредете и видете ја суштинската разлика, како и истоветност...

Како не разбирате дека не за леб ви реков: „Чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!” Тогаш разбраа дека Он им беше рекол да се пазат не од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско (Матеј 8, 15-17).

Тогаш Исус му проповедаше на народот и на учениците Свои, говорејќи: „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите. Затоа, сè што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, оти тие говорат, а не извршуваат; врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат; и сите свои дела ги прават за да ги видат луѓето; ги истакнуваат своите записи од законот и прават големи поли на својата облека; сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите, и поздрави по улиците, и да им велат луѓето „учителе, учителе!“ (Матеј 23, 1-7).

Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија; така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие (Матеј 23, 27-28).

Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате Царството Небесно пред луѓето; оти, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезат (Матеј 23, 13).

Змии и породи аспидини, како ќе побегнете од пресудата за во пеколот? (Матеј 23, 33)

Затоа, ете, Јас праќам при вас пророци и мудреци; (…) едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги биете по синагогите и ќе ги прогонувате од град во град; за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата (Матеј 23, 34-35).

Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е
човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажец и татко на лагата
(Јован 8, 44).

Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате? (Јован 5, 44)

            Ако отстапувањето на старозаветното свештенство од Бог го предвестуваше раѓањето на Синот Божји од Богородица и Секогаш дева Марија и Светиот Дух – во тело, тогаш дали отстапувањето на денешното свештенство од благодатта на Светиот Дух не е предвествување за Неговото повторно доаѓање во слава и сеопштото воскресение на мртвите?

 

Митрополит Струмички Наум