Божествена Литургија на Петровден во Пехчево
 
 
 
 
 

Божествена Литургија на Петровден во Пехчево (12.07.2015 18:00)

Царско и есхатолошко свештенство

 

„Спомнувајќи Ја Пресветата, Пречиста, Преблагословена, Славна Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија, со сите Светии [свети Григориј Палама, свети Старец Јосиф Спилеот, Свети Леонтиј Ерусалимски и Струмички, светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици итн.], самите себе, еден со друг и целиот наш живот на Христос Бог да го предадеме.“

Што точно, деца, значат овие зборови од нашиот возглас на Светата Литургија, посебно неговиот завршеток – целиот наш живот на Христос Бог да го предадеме?

Без никакво претерување, значат дека сите ние сме деца Божји по благодат, дека сме царско и есхатолошко свештенство и дека целиот наш живот е една Света Литургија (Евхаристија или Благодарност).

Без никакво претерување, значат дека сѐ она што мислиме, чувствуваме, зборуваме и работиме, а го правиме слободно и љубовно за исполнување на Божјите заповеди и во слава Божја е наша лична Света Литургија – продолжување на Соборната Литургија од храмот и подготовка за неа.

Без никакво претерување, значат дека секое место на кое ние ја служиме нашата лично-соборна Света Литургија е храм Божји и Света трпеза. И значи дека секое место на Божјава земја е подеднакво свето место – без никаква градација. Единствено несвето се демонската и нашата слободна волја насочени кон грев.

Без никакво претерување, значат дека, сепак, нема ништо посвето од човекот, па макар и не бил дете Божјо во горенаведнава смисла, зашто Христос рекол: „Ако на еден од овие Мои најмали браќа [макар и најгрешни] им направивте – Мене Ми направивте“ (Матеј 25, 40).

Без никакво претерување, значат дека штом овој и ваков свет постои, тоа е затоа што сѐ уште постојат носители на ова царско и есхатолошко свештенство – што, нели, од погорекажаното, не мора да значи дека тоа се носители на некој свештенички чин и не мора да значи дека се мажи. Ова царско и есхатолошко свештенство е незаменливо внатрешно духовно покритие и за свештенството коешто преку Апостолското преемство до ден-денес недостојно го носиме.

Без никакво претерување, значат дека времето, храмот и видот на старозаветното свештенство се исполнети, надминати и заменети, и дека сите обиди за нивно возобновување го оддалечуваат, до отпаѓање, денешното свештенство од Оној што ги исполни, надмина и замени со Самиот Себе – Богочовекот Исус Христос.

Митрополит Струмички Наум