Рождество на свети Јован Крстител
 
 
 
 
 

Рождество на свети Јован Крстител (08.07.2015 09:36)

Објавување на тајната на новозаветното свештенство

 

Деца, ајде да споделам неколку мисли со вас по повод раѓањето на свети Јован Крстител, како и секогаш – според должност, а не според достоинство; со плач во душата моја грешна. Кон тоа ме води и самата мисла за сведоштвото на нашиот Господ, Богочовекот Исус Христос, Кој вели за Својот Претеча: „меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител“ (Матеј 11, 11). Ниту може веќе да се јави.

Целата историја и сите случувања, пред и за време на раѓањето на свети Јован Крстител, се икона на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, како и икона на преминот од првиот во вториот степен на духовниот развој – пројавување на благодатта на Крштението од срцето и дарот на умно-срдечната молитва, што Отците на Црквата го опфатиле со еден термин, а тоа е – просветлување на умот. Премин од Стариот во Новиот Завет. Премин од противприроден во природен начин на живот.

Гледајте како Светиот Дух Господ сведочи за родителите Јованови, татко му – свештеникот Захариј и мајка му Елисавета, во Светото Евангелие: „И обајцата беа праведни пред Бог, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови, без погрешка. Тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна; а обајцата беа веќе стари“ (Лука 1, 6-7). Гледате ли, деца, ова мора да го повториме и запаметиме: „постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови, без погрешка“. Посебно запаметете – без погрешка.

Што ни покажува овој нивен подвиг? Ни покажува дека и покрај нивната голема и неостварена желба за која Го молеле Господ („зашто се услиша твојата молба“ – сведоштво дека тоа го барале) тие не го напуштиле својот подвиг пред Бог, иако обајцата биле веќе стари, па дури и со изгубена надеж во врска со остварувањето на нивната желба. Тоа се гледа во зборовите на Захариј упатени кон архангелот Гаврил: „По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе доста возрасна” (Лука 1, 18).

Нивниот подвиг ни го покажува нивниот однос кон Бог – како однос на чеда Божји, слободен и љубовен. Бесплодно е да се држи самиот закон, сам по себе или заради самиот него, или од робовски и наемнички однос. Заповедите Божји ги исполнуваме заради Бог, барајќи Го само и единствено Него, а не заради некои од Неговите добра. Захариј и Елисавета постапуваат според сите заповеди и повелби Господови – без погрешка (како деца Божји), ама на крајот – дарот е само Божји: „Не бој се, Захариј, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован“ (Лука 1, 13).

Вториот степен од духовниот развој – просветлувањето на умот, е внатрешно духовно покритие на светата Тајна Свештенство. Раѓањето на свети Јован Крстител е почеток на преминот помеѓу старозаветното и новозаветното свештенство, премин кој, преку Божјиот Домострој на нашето спасение, завршува со Светата Педесетница.

Свети Јован Крстител е и икона и објавител на тајната на новозаветното и есхатолошкото свештенство, а крај на старозаветното: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли доаѓаш?” (Матеј 3, 14). Зборови што значат токму ова: „И удостој ме, преку мене – недостојниот и грешен Твој слуга, да Ти бидат принесени овие Дарови (внимавајте!), зашто Ти Си Тој Кој принесува и Се принесува, Кој прима и Кој Се раздава, Христе Боже наш...“ И во двата случаи е очигледно дека, во суштина, Он секоја Тајна ја восовршува преку нас – свештенството.

Деца, има уште многу да се пишува за ова евангелско четиво, по повод раѓањето на Пророкот Господов Јован, и за тајната на царското свештенство што единствено и останува во Царството Небесно и е негова пројава во овој свет и век, ама поарно е сѐ понатаму да ни биде откриено преку подвигот на покајанието и плачот што, според делото на Пророкот, е и подготовка на патот за доаѓањето и средбата со нашиот Господ – Богочовекот Исус Христос.

 

Митрополит Струмички Наум