Монашење
 
 
 
 
 

Монашење (12.04.2015 18:49)

Второто

 

Едно е да се соочиме со смртта за овој свет како монашко распнување на умот во процесот на исцеление од страстите (послушание), односно како максимално можно активирање на примарната функција на умот наспроти максимално можното пасивизирање на секунадарната функција на умот (разумот).

Друго е да се соочиме со смртта за овој свет на вториот степен од духовниот развој, како погребување на умот во срцето, односно како соединување на енергијата на умот со својата суштина во срцето, и преку тоа дејствие до соединување со Божјата несоздадена енергија.

И трето е да се соочиме со реална смрт, како можен прекин на нашиот живот во овој свет и век (или на некој наш ближен), откако веќе се наоѓаме на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот.

Најголем показател на вистинитоста на нашиот опит, за кој било од овие начини на доживување на смртта кои претходно ги опишавме, е оневозможувањето на делувањето на страстите, демонот и гревот внатре во нас.

Битно е дека откако веќе го живееме природниот начин на живот – без оглед на кој од степените на духовниот развој се наоѓаме (очистување на срцето од страстите, просветлување на умот или обожение), разликата помеѓу овој живот и животот во Царството Небесно треба да е само формална, а смртта станува само еден интересен опит, но небитен момент од нашиот живот скриен во Христос Бог.

Зошто небитен? Зашто кога пред тебе ќе се постави прашањето како избор – дали сакаш да продолжиш да живееш формално во овој свет и век, или сакаш реално од некој зафрлен агол во Рајот да се насладуваш, гледајќи го оддалеку лицето на Пресветата Владичица Богородица и Секогашдева Марија – на Чие само спомнување цел затреперуваш, што ќе избереш? Нормално, одговорот на секој вистински Христов воин, без двоумење, е – второто.

Митрополит Струмички Наум