Бдение во манастирот во Водоча на Благовештение
 
 
 
 
 

Бдение во манастирот во Водоча на Благовештение (07.04.2015 11:39)

Благовест

Гледате ли колку ни треба мека храна, та евангелскиот исечок од денот на Благовест да почнува со бременоста на света Елисавета и останатото што следува.

Што е тврда храна?

Тврда храна е дека на Онаа што е почесна од херувимите и безмерно пославна од серафимите не Ѝ требаше од ангел, па макар бил тоа и Архангел Гаврил, да ја дознава вистината за воплотувањето од Светиот Дух на Синот Божји во Неа.

Се сеќавате што сум ви говорел: веќе на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот, се стекнуваме со одредена слобода пред Бог. Тогаш не само што нашите главни планови често ќе се совпаѓаат со Божјите планови, иако не секогаш во она време што ние го очекуваме, туку веќе го добиваме дарот Божји сами, во своето срце – во областа на Царството Небесно, да го подготвиме она што ќе сакаме да ни се случи. Ви говорам за благодатниот подвиг на аскетската умно-срдечна молитва.

Колку повеќе сето ова важи за недостижниот исихастичко-молитвен подвиг што Пресветата го имала во Светињата на Светињите од старозаветниот Храм. Така, тоа што денес Архангелот го благовести веќе беше договорено и восогласено помеѓу Бог и Приснодева Марија во Нејзиното срце пред кој било друг да знае. Денес само се остварува, се посведочува и се обзнанува – заради нас.  

Сакам да ве потсетам на уште нешто: човекот е создаден бог со самото тоа што на Бог може да му рече „не“. Но, едно е на Бог да Му речеш „не“ од позиција на паднатост и гревовност, а друго е на Бог да Му кажеш „не“ од позиција на син Божји по благодат. Преку првото човек постепено се демонизира, а преку второто покажува дека се реализирал.

Но, пред да можеме да Му речеме на Бог – „не“, имаме да кажеме многу „да“, кои можеби ќе немаат ниту логика, ниту смисла, ниту извесност, а можеби ниту живот додека да го чуеме Неговото „да“ како сведоштво на нашето боговподобување.

Ах, тоа Нејзино, за мојот паднат ум – недостижно, и за моите извалкани усни – неискажливо „да“, почетокот на пресоздавањето и спасението на целиот универзум.

Митрополит Струмички Наум