Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (29.03.2015 11:50)

„Преобразувајте се преку вашиот обновен ум“

 

 Светиот апостол Павле вели: „Преобразувајте се преку вашиот обновен ум“ (Рим. 12, 2). Гледате ли, духовни чеда Христови, колку прецизно го опишува и на кое ниво го поставува Апостолот почетокот на нашето севкупно преобразување – откако ќе го возобновиме нашиот ум. Што, всушност, сака да ни каже Апостолот?  

Почетокот на нашето психофизичко преобразување (и на душата и на телото – што е од суштинско значење) е оневозможено сѐ додека нашиот ум пребива во падната состојба на расеаност и затемнетост. Просто нема услов за духовен развој, образот Божји во нас е извитоперен – непрепознатлив. На умот му треба преумување.

За да достигнеме во обновен ум, треба да преминеме од противприроден во природен начин на живот во Црквата; односно да го восогласиме начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме; односно доброволно да го ставиме нашиот ум во процес на исцеление преку послушанието кон духовниот отец.

Но, сепак, првиот степен од духовниот развој – очистувањето на срцето од страстите, кој претходно го опишавме, сѐ уште не го одразува јасно ликот Божји во нас.

Кога апостолот Павле нѐ повикува да се преобразуваме преку нашиот возобновен  ум, тој го опишува подвигот на вториот степен од духовниот развој –   просветлување на умот. Тоа е подвиг и состојба на возобновување на образот (иконата, ликот) Божји во нас – основа за достигнување на подобие Божјо.

            Како ја препознаваме оваа духовна состојба? Според дарот на умно-срдечната молитва; кога енергијата на умот се соединува со својата суштина што се наоѓа во нашето духовно срце – центарот на сите наши душевни сили. Тоа е состојба на обновен ум, која уште се нарекува и аскетска целомудреност.

            Немаме ли дар на умно-срдечна молитва, односно немаме ли обновен ум, тогаш сѐ уште не сме јасен и вистински лик Божји, така како што Бог нѐ замислил и создал.

            Гледате ли, сега, колку е важно исцелението (целомудреноста) на умот, кога двете функции на умот – и примарната и секундарната (разумот) – делуваат целовито, откако се случило очистување и просветлување на неговата енергија од страна на несоздадената енергија Божја – со која постојано се соединува.

                Значи, кога велиме просветлување на умот, аскетска целомудреност, образ (икона, лик) Божји и обновен ум, ние мислиме и говориме за една и иста духовна состојба.

            Преподобна Марија Египетска – чиј спомен денес го славиме и чии молитви во  поткрепа ги призиваме, преку својот живот ни го покажува целиот овој пат – за кој погоре говоревме: како од извитоперен лик Божји, преку нејасен, а потоа и јасен лик Божји, се достигнува и подобие Божјо – личност.

            По нејзините свети молитви, Господи Исусе Христе, осветли го Твојот лик во нас, обнови го нашиот ум, дарувај ни целомудрие и пак – помилуј нѐ...

 

Митрополит Струмички Наум