Недела на Православието: Божествена Литургија во Струмица
 
 
 
 
 

Недела на Православието: Божествена Литургија во Струмица (01.03.2015 13:04)

Пресуден егзистенцијален избор

 

Да се потсетиме: ние, како словесни (самосвесни, слободни и комуникативни) битија, и нашиот Бог Создател – од Кого словесноста како дар сме ја добиле, ако сакаме, меѓу себе комуницираме како личности со нашите лични енергии. Секако, Бог со Својата несоздадена енергија ја прозема и постојано ја преобразува нашата создадена енергија, како и суштина (природа) – во процесот на таа комуникација, а не ние Неговата. Полнотата на оваа лична комуникација можеме да ја оствариме само како живи членови на Телото Христово, чија Глава е Самиот Богочовек Исус Христос, односно во Православната Црква.

            Денес, во првата недела од Великиот пост − Неделата на Православието, со радост и благодарност, повторно се потсетуваме зошто е битно православно да се верува и исто така православно да се живее, но овој пат од аспект на разликата што ја направивме меѓу двете функции на умот – примарната и секундарната.

Најважно е енергијата на нашиот ум да ја насочиме кон Единствениот Вистински Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух, согласно светата вера и светото предание на Црквата. Ако не ја насочиме кон Бог, тогаш речиси сигурно, без оглед на намерата, ја насочуваме кон демоните или кон останатата словесна и бесловесна твар. Но, нашата создадена енергија влегува во процес на преобразување, односно очистување, просветлување и обожување само во комуникација со несоздадената енергија на Единствениот Вистински Бог, а не со нешто создадено, па макар тоа било и наречено и почитувано од страна на некои луѓе (или од повеќето или пак дури и од сите луѓе) како бог или нешто божествено. Како што знаеме, создаденото не може да биде спасено од друго нешто исто така создадено. Ништо немаме, освен прелест, од комуникација со лажни богови. Така, секој нека се преиспита и нека си одлучи со кого ќе влезе во комуникација преку насочувањето на својата енергија – со создаденото или со Несоздаденото. Последиците се апсолутно различни. Истиот избор го имаат и атеистите. Затоа, од суштинско значење е, прво, православно да се верува.

На пример, молитвата кон лажните богови, како и разните видови безлични медитации − коишто наводно имаат цел да го оттргнат човекот од овоземното и создаденото, но коишто не го соединуваат личносно со Единствениот Несоздаден Бог − не можат да го преобразат човекот и да го извлечат од ропството на создаденоста, освен што постојано го потхрануваат неговото високо мислење за самиот себе, често и до демонски размери: Кога нечистиот дух ќе излезе од човекот, минува преку безводни места, барајќи спокој и не го наоѓа; па ќе рече тогаш: „Да се вратам во мојот дом, од каде што излегов“. И штом дојде, го наоѓа празен, изметен и уреден; тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овој пакостен род. (Матеј 12, 43-45).

Подеднакво важно е истата енергија, и при секундарната функција на умот како разум, да биде правилно насочена. Сите сме поставени пред следниот избор: дали ќе ја насочиме кон исполнување на Божјите заповеди – преку кои го познаваме Бог или ќе ја насочиме кон задоволување на нашите страсти. Само првиот избор ја внесува енергијата на нашиот ум во процес на преобразување преку несоздадената енергија Божја. Вториот избор значи ропска комуникација со создаденото – со овој свет и со демоните, а последиците се гревот, болеста и смртта.

На пример, ако правилно не веруваме и ако правилно не живееме, нашето слово ќе остане без сила и ќе ни се случи истото што и на некои од Јудејците скитници, заколнувачи, коишто почнале да го изговараат името на Господ Исус над оние што имале зли духови. Еве го тој евангелски извадок: И велеа: „Ве заколнуваме во Исус, Кого Го проповеда Павле!” Тоа го правеа седумте синови на јудејскиот првосвештеник Скева. А лошиот дух одговори и рече: „Исус Го познавам и Павле го знам; но кои сте вие?” И скокна на нив човекот, во кого имаше лош дух, и откако ги совлада, покажа против нив таква сила што тие, голи и ранети, побегнаа од таа куќа. За тоа разбраа сите Јудејци и Елини, кои живееја во Ефес, и сите нив ги спопадна страв; и името на Господ Исус се величаше (Дела 19, 13-17).

Претходниве два евангелски примери се извонреден показател за плодовите на  неправилниот (неправославен) духовен живот. Знаејќи го ова, треба да се покаеме, а не да се исчудуваме зошто светот не го прима нашето сведоштво или слово, па дури и зошто не ни верува, зошто нѐ исмева, зошто нѐ маргинализира и зошто, дури, и нѐ прогонува. Не дека сме свети, туку напротив − затоа што немаме слово што го поткрепуваат дела, затоа што немаме преобразено слово, односно немаме слово во сила. Ете, затоа – затоа што ни Бог не нѐ слуша.

Пресвета Богородице, спаси нè!

Митрополит Струмички Наум