Вечерна служба на Прочка
 
 
 
 
 

Вечерна служба на Прочка (22.02.2015 17:58)

Господи, прости ми

1. Што е во суштина покајанието, во смисла на преумување и во смисла дека нашиот пад е во умот и дека оттука треба да почне нашето исправање? Умот има една енергија, а две дејства (функции): примарна – кога енергијата ја насочуваме кон Бог, и секундарна – кога енергијата ја насочуваме кон светот. Каде е нашата грешка? Нашата грешка е што цело време енергијата на умот ја насочуваме кон светот. Ја користиме само секундарната функција на умот, а ја запоставуваме примарната. Како го гледаме тоа? Го гледаме од молитвата. Колку се молиме – толку покајание. Целта ни е да ја преобразиме, односно очистиме, просветлиме, обожиме енергијата на умот преку примарната функција на умот, соединувајќи ја со Бог, за да може таа истата енергија преобразена да ја користиме и во секундарната функција на умот кога комуницираме со овој свет. Тогаш на друг начин го гледаме светот: тој не нѐ заробува, не нѐ опијанува, не нѐ врзува за себе, и полека го гледаме онака како што Бог го создал, како отсјај на Неговата слава.

2. Треба да си простиме на самите себе пред да им простиме на другите. Ако не знаеме самите на себе да си простиме, нема да знаеме ниту на другите да им простиме, ниту да побараме прошка, ниту сме свесни за нашиот грев кон другите. Простувањето на самите себе значи восогласување на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме и со местото и улогата што ги имаме во Црквата. Без тоа нема исцеление. Да си простиме на самите себе значи да се исцелиме од страстите преку правилен духовен подвиг. Оти сѐ друго надвор од ова, односно отсуството на восогласувањето, е прелест. Прелеста е постојано пребивање во секундарната функција на умот – тоа е духовна смрт.

3. За што треба да ви побарам прошка? Трите степени од духовниот развој одговараат на трите степени на свештенството. Јас, како епископ, кој би требало да сум на степенот на обожение, имам најголемо промашување во однос на идеалот што треба да го постигнам и претставувам. Свештениците имаат помала задача − просветлување, помала одговорност, помал грев, а вие – верниот народ Божји, сте најмалку одговорни за што било во Црквата; иако и вие внатрешно сте повикани да го достигнете идеалот. И затоа, простете ми, бидејќи нема многу врска тоа што јас го правам со тоа што треба да го претставувам во Црквата.

4. Самото простување е сведоштво за тоа дека благодатта е внатре во нас. Ако гледаме дека не простуваме, значи демон го владее нашето срце. Ако простуваме, значи Божја благодат имаме. Не значи дека веднаш имаме благодат да простиме, но не значи дека не треба да се присилуваме − затоа и се нарекува аскеза, подвиг, бидејќи се присилуваме да правиме нешто што не чувствуваме. Ако простиме аскетски, благодатта сама ќе се појави и ќе простиме вистински.

Митрополит Струмички Наум

(дел од беседата според запис од присутните)