Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (01.02.2015 14:20)

Изместени вредности

 

Денешното евангелско четиво за митарот и фарисејот е одличен пример во кој можеме да го воочиме проблемот на изместување на вредностите што е присутен и во секојдневието во животот на Црквата.

Неизместлива вредност на христијанскиот живот не е слепото придржување до словото на законот, до формата, до надворешните правила на верата, туку континуиран подвиг во суштината на односот со Бог, а тоа е покајанието. Покајанието сфатено како преумување, како умно-срдечна молитва, како надминување на расцепот во делувањето на примарното и секундарното функционирање на умот, како љубов и слобода во Бог.

Полесно се сфаќа погоре реченото преку конкретни примери. На пример, суштина на молитвата е себепринесувањето на Бог, а не барањето на нешто за себе од Него. Што друго ќе бараш, човеку, кога во молитвата веќе си удостоен на заедница со Бог? Но, не заборавај да го спомнеш својот духовен отец со чиј благослов си застанал; потоа, не продолжувај со молитва ако во неа не ги спомнеш своите непријатели – таква молитва Бог не слуша; потоа, моли се за оние што на кој било начин страдаат – тоа Бог посебно го слуша, итн. Молитва за себе? Каков било подвиг само за себе? Православната духовност не познава такво нешто.

Еве уште некој пример на изместени вредности, после оладувањето на страстите. На пример, суштината на секој празник на Црквата е учество во нејзината Тајна Вечера, а не некоја семејна вечера, не некој народен обичај или традиција, не некој локален црковен обичај, а посебно не некој туѓ црковен обичај. Црковниот критериум е многу јасен – нема Причест, нема христијанство.

Или, на пример, ставање акцент на фрлањето на крстот наместо на осветувањето на водите – и погрешните заклучоци што од тоа произлегуваат. Или, на пример, магискиот пристап кон кршењето на лебот со паричката за среќа наместо учество во истото во спомен на големиот учител на Црквата, свети Василиј Велики. Што ќе ти додаде, човеку, фаќањето на крстот или добивањето на паричката ако веќе си се причестил со Христос, или што ќе добиеш од истото тоа ако не си причестен? Ништо.

Внимавај и да не изгубиш, поради изместените вредности.

 

Митрополит Струмички Наум