Покров на Пресвета Богородица во Водоча
 
 
 
 
 

Покров на Пресвета Богородица во Водоча (14.10.2014 12:18)

Вечен дијалог меѓу Несоздаденото и создаденото,
во Богочовекот Исус Христос

 

Ние и Бог, ако сакаме, меѓу себе комуницираме како личности со нашите лични енергии. Звучи како да се ставаме на исто личносно рамниште со Него, ама не ние – туку Он така нè постави. Секако, Бог со Својата несоздадена енергија ја прозема и постојано ја преобразува нашата создадена енергија, како и суштина (природа) – во процесот на таа комуникација, а не ние Неговата.

Навидум едноставно, но не така како што на прв поглед изгледа. За да појасниме, ајде повторно да се вратиме на разликата што ја направивме меѓу умот и разумот. Зошто е битно, во аскетската пракса, да ја правиме оваа клучна разлика? И зошто е битно да внимаваме на кој начин ќе функционираме, односно кога и каде ќе ја насочуваме енергијата на умот? Со тоа често и нашите душевни и телесни дејствија.

Најбитно е енергијата на нашиот ум да ја насочиме кон Едниот Вистински Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух. Ако не ја насочиме кон Бог, тогаш скоро сигурно, без оглед на намерата, ја насочуваме кон демоните или кон останатата словесна и бесловесна твар. Така што, секој нека се преиспита и нека си одлучи со кого ќе влезе во комуникација преку насочувањето на својата енергија – со создаденото или со Несоздаденото. Последиците се апсолутно различни. Истиот избор го имаат и атеистите. Со претходно опишаното дејствие може да се исполни првата Божја заповед: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, и со сиот свој разум“ (Матеј 22, 37).

Ништо помалку битно е истата енергија, и при секундарната функција на умот како разум, да биде правилно насочена. Сите сме поставени пред следниот избор: дали ќе ја насочиме кон исполнување на Божјите заповеди или ќе ја насочиме кон задоволување на нашите страсти. Навидум едноставен и вториов избор, но суштински зависен од првиот. Со претходно опишаното дејствие може да се исполни втората Божја заповед: „Возљуби го својот ближен како себеси“ (Матеј 22, 39), но истовремено и „бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен (Матеј 5, 48).

Во вториов случај треба да бидеме дополнително внимателни: не само дали тоа што го правиме е согласно со Божјите заповеди, туку дали и кога ги извршуваме Божјите заповеди – тоа го правиме во Божја слава или во своја слава. Само извршеното во послушание на Црквата, за нас православните христијани, се смета за извршено во Божја слава. Исто така, колку повеќе преку исполнување на заповедите Го познаваме Бог толку попрецизно и посилно ја насочуваме енергијата на нашиот ум кон Него. Просто, едното без другото е невозможно.

Без восогласеното делување на примарната и секундарната функција на умот – што погоре го објаснивме, во што и се состои исцелението на умот, не е возможна ни христијанската православна психотерапија, а камоли која било друга психотерапија; ниту остварување на личниот идентитет.

Нормално, не е сѐ вака црно-бело како што јас напишав, но најдобро вака се сфаќа, а на крај на тоа и се сведува. Но, еве еден шарен пример: може да се случи некој да не верува, или помалку или повеќе погрешно да верува, но сепак, во одредена мера, да ги извршува Божјите заповеди – свесно или несвесно. Лично, мислам дека пред Бог тоа е многу подобро, и дека оној што така прави е поблиску да Го пронајде Бог, отколку некој кој точно ја исповеда верата со устата, а неговите дела не се согласни со Божјиот пример.

Комуникацијата со Бог и извршувањето на Божјите заповеди го правиме со помош на Неговата благодат или енергија. Наше е само да сакаме и да се обидуваме, а Божјо е да исполни. Како што спомнавме на почетокот, во оваа Бого-човечка синергија – во Црквата, се содржи тајната на нашето обожение, односно тајната и полнотата на животот во Царството Небесно – и веќе и уште не.

За совршеното преобразување, односно за конечното обожение на нашата создадена природа – другпат, ако стигнеме...

Пресвета Богородице, покриј и спаси нè...

 

Митрополит Струмички Наум