Успение на Пресвета Богородица во Берово
 
 
 
 
 

Успение на Пресвета Богородица во Берово (28.08.2014 20:33)

Зошто и најнеуките луѓе професионално напредуваат
во својата должност, а ние, христијаните – не?

 

Минатиот пат ви кажав дека е многу битно, од духовен аспект, да се прави разлика помеѓу делувањето на умот и делувањето на разумот. Рековме и дека умот е словесната сила преку која човекот, пред сè, лично и директно комуницира со Бог, додека пак, разумот е енергија на умот, функција или алатка на умот, преку која човекот се снаоѓа во овој свет. И уште рековме дека реална е можноста за просветлување и на нашиот разум кое се случува преку просветлувањето на самиот ум, со светлината што произлегува од очистувањето на срцето, односно од опитот во умно-срдечната молитва.

Исто така, рековме дека погрешно е разумот да го прехрануваме, а умот само да го потхрануваме. Како се случува тоа? Ако знaеме дека главна храна на умот е молитвата во послушание, тогаш ние го храниме разумот на штета на умот, секогаш кога надвор од послушание се напрегаме да ги задоволиме нашите световни страсти – колку и тоа да го оправдуваме со добра намера или со побожност. Ако ваквото делување ни стане секојдневна и целодневна пракса, а притоа молитвата или молитвеното правило ги запуштиме, тогаш очигледно е дека разумот го прехрануваме, а умот го потхрануваме. На тој начин, всушност, му овозможуваме на разумот да владее со умот а не обратно; а умот, бидејќи нема вистинска храна, да остане раслабен и болен (паднат).

Истото може да се случи и во манастир. Кога доаѓаме во манастир, ако не влеземе во послушание, односно ако не го ставиме умот во процес на исцеление, продолжуваме да го храниме само нашиот разум – исто и како што сме правеле во светот, затоа што не се откажуваме од нашата логика и од нашиот световен поглед на работите. Попусто седиме во манастир и попусто го трошиме нашето време, затоа што начинот на кој ги гледаме и извршуваме работите – само преку прехранетиот разум, не е исправен, а дури и да е во нешто исправен, пак не се исцелуваме. Ете зошто дарот на умно-срдечната молитва е редок и во манастирите.

Уште полошо е кога дури и духовното се обидуваме да го гледаме и да го толкуваме преку нашиот прехранет разум – што е всушност голема прелест и смрт за нашиот духовен живот; а многу честа појава, во помала или поголема мера, кај сите христијани. Освен, нели, ако некој конечно се ослободил од прелеста уште во овој живот.

За разлика од нас – православните христијани, кои не напредуваме по патот на очистувањето, просветлувањето и обожението, луѓето од светот напредуваат во своите професии затоа што се здобиваат со световно знаење преку секојдневниот опит во она што го работат, во она што е, нели, храната на нивниот разум. И најнеукиот метлар или чистач, напредуваат во знаењето на вештините за одржувањето на хигиената, затоа што секој ден ги практикуваат и се обучуваат во тие вештини. Да не говориме за луѓето од посложените професии. Што мислите, сега, како тие луѓе гледаат на нас, кои, за разлика од нив, не напредуваме во никакви специфични световни знаења или вештини, а истовремено – држејќи го своето срце неисчистено, ја немаме силата на нашето духовно знаење? Односно, и да имаме некакво разумско знаење од теологијата и духовниот живот, воопшто, ние сепак немаме мисла, слово и присуство во сила која, пак – да се потсетиме, сила на Светиот Дух ја имаат и најнеуките (световно) светители, но чиј ум постојано срдечно-молитвено се соединува со Бог во очистеното срце. Затоа, да не се чудиме кога луѓето денес се потсмеваат на наша сметка.

Нашата беда е уште поголема што со начинот на нашиот живот ја изневеруваме нашата Владичица и Мајка – Пресветата Богородица и Секогашдева Марија, Која ни оставила многу конкретен пример кој треба да го следиме: Таа уште во најраната младост го остави светот – со тоа и одвишната храна за разумот, се затвори во Светињата на светињите на старозаветниот храм, сѐ додека преку крајна посветеност на умот во Бог не го доби дарот на обожението. Јасно е после зошто Нејзиниот придонес во целиот Домострој на нашето спасение е, најблаго речено, незаменлив; а Нејзината смрт – Воскресение.

Пресвета Богородице, спаси нè – затоа што, просто, имаме загубено секаква надеж во самите себе!

Митрополит Струмички Наум