Жената Хананејка
 
 
 
 
 

Жената Хананејка (16.10.2021 16:06)

Евангелската случка со жената Хананејка ни ја покажува сета големина на послушанието и неговото значење за нашето духовно исцелување, т.е. духовно преобразување и восовршување.

Читајќи го Светото Евангелие (Матеј 15, 21–28), забележуваме дека откако жената ги упати своите молби кон Христос, Тој не ѝ одговори со ниту еден збор, туку наполно ја игнорираше. Најпосле учениците Негови, и самите зачудени, бидејќи никогаш не Го беа виделе вака строг и „немилостив“, и самите Го замолија Христос да ѝ помогне. Но, Богочовекот Христос останува со непроменет став и однесување; Тој не ја ни погледнува: „Јас сум пратен само при изгубените овци на домот Израилев“.

Сето тоа е огромно понижување и болка за жената. Но, таа повторно Му пристапува со вера и, поклонувајќи се – упорно Го моли, не обрнувајќи внимание на својата „пониженост“, на својата душевна и телесна исцрпеност. Тогаш Христос го изговара Својот, за неа многу тежок и навредлив, збор кој ја изедначува жената со бесловесните животни: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата“. При вакво случување човек најчесто ги губи и надежта, и почитта, и довербата кон оној што му ги причинува навредата и душевната болка. Вообичаено следат помисли и затемнување на умот, како и оддалечување од оној што повредува.  

Но, не и во овој случај. Жената со смирение го прифати Христовиот збор и, сметајќи се и самата недостојна за внимание, помош и милост, побара да ѝ дадат само колку од трошките што им паѓаат на децата од трпезата додека тие јадат. Се изедначи себеси со бесловесните животни. И веднаш го слушаме Христовиот збор на одобрување и потврдување на нејзиниот подвиг на вера, смирение и послушание: „О жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја“. Во еден миг, онаа што беше во крајна „пониженост“, беше помилувана, послушана и воздигната поради своето целосно послушание и вера во Христос и поради, на тој начин, остварената заедница со Него.

Да резимираме: Што, всушност, се случи со жената Хананејка при нејзината средба со Христос?

Прво, таа го прифати Христовото однесување, т.е. Неговото дело, постапката на крајно игнорирање и понижување кон неа. Второ, го прифати Неговиот збор, крајно навредлив за неа, а со тоа и Неговото учење. Трето, таа ги прифати Неговата волја и промисла за неа, во врска со нејзиното спасение. И, бидејќи ги прифати делото, зборот, промислата и волјата Христови, неизбежно веднаш ја прими и благодатта Христова, т.е. тое сѐ е едно и исто, и оствари личносна заедницата со Него. Нејзината молба веќе имаше друг квалитет и вредност пред Него: „И во тој час оздраве ќерката нејзина“.

Какво значење има сето ова за нашиот духовен живот?

Однесувањето на жената Хананејка кон Христос покажува каков треба да биде нашиот однос кон духовниот отец, или поточно, какво да биде нашето послушание кон оној кој во нашиот живот претставува икона Христова, кој седи на местото и во образот Христов; кон оној кого слободно и љубовно го одбираме и под чиј просветлен ум своеволно и доброволно го покоруваме нашиот од гордоста расеан и помрачен ум – сè додека, преку растење во послушанието, Самиот Христос не се изобрази и вообличи во нас; сè додека не стигнеме до степенот на просветленост на умот.

Послушанието не е лесен подвиг и не е без искушенија. Затоа, до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва тоа е аскетски подвиг, подвиг на кој се принудуваме. Духовниот отец може да се смени, но не и подвигот на послушание. Без послушание нема премин од противприроден во природен начин на живот, од умно-усното пелтечење во умно-срдечна молитва.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум