Двоедна заповед
 
 
 
 
 

Двоедна заповед (02.10.2021 08:43)

„И еден од нив, законик, искушувајќи Го, запраша и рече: ’Учителе, која заповед е најголема во Законот?‘ А Исус му одговори: ’Возљуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум‘; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: ’Возљуби го својот ближен како себеси! На тие две заповеди се крепат целиот Закон и Пророците‘“ (Матеј 22, 35–40).

Овие две заповеди ја даваат аскетско-исихастичката основа на која се крепи целокупниот православен духовен живот во Христос, во Црквата. Еве и зошто:

Најбитно е енергијата на нашиот ум, молитвено – преку примарната функција на умот, да ја насочиме кон Едниот Вистински Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух. Ако не ја насочиме кон Бог, тогаш – речиси сигурно, без оглед на намерата, ја насочуваме кон демоните или кон останатата словесна и бесловесна твар. Така, секој нека се преиспита и нека си одлучи со кого ќе влезе во комуникација преку насочувањето на енергијата на својот ум – со енергијата на создадената словесна и бесловесна твар, или со несоздадената енергија Божја која нѐ преобразува. Последиците се апсолутно различни. Со претходно опишаното дејство може да се исполни првата Божја заповед: „Возљуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, и со сиот свој разум“.

Ништо помалку битно е истата енергија и при секундарната функција на умот – како разум, да биде правилно насочена. Сите сме поставени пред следниот избор: дали ќе ја насочиме кон исполнување на Божјите заповеди на дело или ќе ја насочиме кон задоволување на нашите страсти на дело. Навидум едноставен е и вториов избор, но во суштина зависен е од првиот – од нашата љубов кон Бог. Преку првоспомнатото насочување може да се исполни втората Божја заповед: „Возљуби го својот ближен како себеси“, на дело.

Битно е да запомниме дека: колку повеќе преку исполнување на заповедите Го познаваме Бог, толку попрецизно и посилно ќе можеме да ја насочиме енергијата на нашиот ум кон Него. И обратно. Едната без другата заповед е невозможно да се исполнат.

А што се однесува до вториот дел од евангелското четиво, во него Христос ги запрашува фарисеите како може ако Христос e Син Давидов, како што и тие самите тврдат, Давид да Го нарекува Господ? Со ова Самиот Христос им укажува дека Синот Божји е и Син Човечки, односно дека се воплотил и станал Богочовек; и дека како Таков ги исполнил и двете заповеди, па од тој момент тие две најголеми заповеди веќе не се слични, туку се еден и ист подвиг.

Освен тоа што ги исполнил овие заповеди, Господ Христос уште и рекол: „Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 40), со што уште еднаш покажува и потврдува дека – да се љуби ближниот како себеси заради Христос, е исто што и да се љуби Бог со сето срце, душа и разум.

Заповедта за љубов кон ближните не ги исклучува ни непријателите; напротив, љубовта кон непријателите е единствената прецизна мерка и критериум за љубовта кон Бог и кон секој човек. Со други зборови, колку го љубиме оној што ни прави зло, толку ги љубиме и Бог и својот ближен – ни помалку, ни повеќе.

Да не се лажеме себеси... Оној што ја има љубовта како дар на благодатта на Светиот Дух не може истовремено и да мрази. Нема тука место за обичните човечки чувства, каде што некого сакаме, а некого мразиме. Затоа и ви велам, целта на демонот е во ближниот да гледаме непријател, да вратиме на злото со зло и да останеме без благодатта на Светиот Дух; а притоа, уште да мислиме и дека сме побожни и дека на Бог Му принесуваме жртва.   

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум