Лажните лозари
 
 
 
 
 

Лажните лозари (18.09.2021 20:22)

Пораката од денешното евангелие (Матеј 21, 3342) најдиректно се однесува на денешните лозари, т.е. на новозаветното свештенство: пред сѐ, на епископите, а потоа и на презвитерите; како и на лозјето духовно – новозаветниот народ Божји, Црквата. Толкувањето, пак, на ова евангелско четиво од аскетско-исихастички аспект ни ги открива причините поради кои се убиени испратените слуги – пророците, и Синот – Богочовекот Исус Христос.

Се наметнуваат две прашања: прво, кој или каков плод требаше да Му принесат лозарите (свештенството) на Бог? И второ, каков плод некои од нив се обидуваат да произведат, со оглед на тоа што истиот сакаат да го задржат за себе, откако веќе мислат дека го присвоиле лозјето?

Согласно светиот апостол Павле, плодот на Духот што лозарите (свештенството) требаше да Му го принесат на Бог од Неговото лозје (верниот народ Божји) се добродетелите: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста (Гал. 5, 22–23).

За да се постигне оваа цел, свештеникот Божји (епископот, презвитерот) најнапред треба самиот да се очисти од страстите на срцето, да го просветли умот и ако може да достигне обожение, а потоа и доверениот народ Божји да го поведе по тој пат на чистење од страстите, просветлување и обожение. Самиот смирено да се вгради во единството на Црквата, а потоа и со своите духовни чеда да го надградува тоа единство.

            Страстите, како и демоните поврзани со нив, се главната причина поради која се нарушуваат, прво, внатрешниот мир и духовниот развој на самите членови на Црквата, а потоа и љубовта и мирот меѓу нив, односно црковното единство. Еве како апостолот Јаков ја опишува борбата што во нас и меѓу нас настанува поради страстите: „Од каде се војните и расправиите меѓу вас? Не оттаму ли – од вашите страсти, кои се борат во органите ваши? Пожелувате и немате; убивате и завидувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате, а немате, бидејќи не молите. Просите, а не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите страсти“ (Јак. 4, 1–3).

            Така, на оние лозари (свештеници) што се обземени од самољубието не им одговара лозјето (народот Божји) да принесува плодови што Му се угодни на Бог, туку главно плодови што ќе ги хранат нивните страсти. А многу е очигледно дека сè започнува од страстите славољубие, среброљубие и сластољубие на лозарите: „Овој е Наследникот! Ајде да Го убиеме и наследството ќе биде наше“ (Марко 12, 7). Денес, во пракса, ги забележуваме истите три подгрупи на главната страст самољубие, што се пројавуваат кај лозарите, т.е. кај некои од свештенството:

            Сведоци сме дека наместо љубов и црковно единство, во свештенството се случува борба за црковна превласт и за човечка слава, од локално ниво, па до ниво на цела православна екумена. Наместо да Го сведочат Христос, некои од нив се сведочат и се промовираат себеси, како и своите лични и национални интереси. На пример: една црковна администрација не признава друга затоа што не сака црковно решение на проблемот, туку политичко.   

            Страста среброљубие ја задоволуваат така што им даваат предност на оние позиции и служења во Црквата од кои се богатат, а позициите или службите кои не ги задоволуваат финансиски се запоставуваат. Фала Му на Бог што Светата Евхаристија – причестувањето со Телото и Крвта Христови, како и Светата Тајна Покајание – исповедувањето на гревовите и духовното раководство, сѐ уште никој не се осмелува да ги наплатува. Тоа би било чиста ерес.

            Сластољубието ги тера луѓето да ги задоволуваат своите телесни страсти, било да е тоа насладување со храна или насладување со блуд. Оваа страст во содејство со славољубието, се пројавува, на пример, и во тврдењето на некои од свештенството дека секогаш можат да се причестат и без да постат, додека истовремено верниот народ го условуваат и принудуваат да пости и повеќе од она што Светата Црква – водена од Светиот Дух, го определила.

„А кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари? (...) 3лочинците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари што ќе му ги даваат плодовите навреме.

            Пресвета Богородице, спаси нѐ!

 

Митрополит Струмички Наум