Божествена Литургија во Велјуса
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Велјуса (14.10.2025 21:36)

На празникот на Покров на Пресвета Богородица, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, во Велјуса. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

На Литургијата Владиката се обрати со следното слово:

Знаејќи го Плодот на нашата Владичица и Мајка – по благодат, Пресвета Богородица, сакам да ве прашам нешто: Секогашдева Марија правела некои добри дела или само го затворила своето тело во храмот, а својот ум во срцето? На Марта ли – што чинеше добри дела, ѝ беше кажано дека го одбра подобриот дел или на нејзината сестра – Марија, која седеше покрај Богочовекот Христос и го слушаше словото Негово?

Да не се лажеме, мили мои, без да ја насочиме енергијата на нашиот ум – со плач и внимание, кон словото – што извира од нашето срце, а на коешто сме му наложиле да ги изговара свештените зборови на Исусовата молитва – „Господи Исусе Христе, помилуј нас“, никој од нас не може да каже дека води православен духовен живот; секако, под претпоставка дека сме членови на Црквата и дека сме го ставиле нашиот ум во процес на исцеление преку послушание кон духовниот отец – што не е ништо друго туку восогласување на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на којшто се наоѓаме.

На ѓаволот не му сметаат толку нашите добри дела, напротив, ако види дека ги правиме, а без да ги поткрепиме со молитва, посебно и надвор од вистинско послушание, уште и ни помага да ги оствариме, за на крај, потполно да ја зароби нашата душа. Чинењето добри дела, без молитва од срце, само го зголемува нашето високо мислење за самите себе и го предава нашиот разум под демонско раководство. Демоноопседнатиот човек, на крај, сѐ добро што направил – го поништува, со својот пад.

Сакате да го проверите ова што го говорам? Само почнете со подвигот на молитвено насочување на енергијата на вашиот ум кон срцето и ќе видите каков рој на демонски помисли ќе ве нападнат, кои воопшто ќе ги немате надвор од овој подвиг; и ќе видите што друго ќе ви се случува – надворешно, само за да го прекинете овој подвиг. Отворено ви кажувам, без овој подвиг, вие не сте се ни сретнале со демонот; тој само ве држи во негово ропство – оддалеку, преку ланецот на вашите страсти, во вашата комфор зона.

Ова не го кажувам за да ве исплашам, туку да ве подготвам за борбата. Демонот нема никаква власт над нас во текот на оваа борба, освен можност да нѐ плаши за да нѐ одврати од подвигот. Вистинската борба со демоните почнува дури откако срцето ќе ни се отвори за умно-срдечната молитва. Тогаш демонот, најпрвин, се обидува да нѐ придобие – како на Христос во пустината, нудејќи ни ги безбедноста на лебот, власта и економската моќ, како и човечката слава, само ако му се поклониме, а потоа, ако не успее, гледа како да нѐ распне и уништи. Во нашата смрт лежи нашата победа. Во оваа борба против нас демонот ги користи луѓето – своите слуги, за недопреобразениот дел од страстите да го предизвика со реално искушение.

Има уште многу да се каже на оваа тема. А сега, едно прашање: сакате да останете врзани во демонските ланци и да си ја смирувате совеста правејќи само „добри дела“ или ќе го почнете подвигот и на молитвено насочување на вашиот ум кон срцето – кон Бог, и ќе се изборите за вашата слобода – за која Христос многу пострада? Изборот е само ваш.

Пресвета Богородице, спаси нас!