Божествена Литургија во Арџеш, Романија
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Арџеш, Романија (04.10.2025 21:37)

Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во црквата „Света маченичка Филотеја“, во Курта де Арџеш, Романија. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата Владиката рече:

Исусовата молитва можеме да ја кажуваме и во прво лице еднина и во прво лице множина – и „Господи Исусе Христе, помилуј ме“ и „Господи Исусе Христе, помилуј нѐ“. И во двата случаја се држиме до православниот начин на молитва: не се молиме никогаш за себе, а секогаш за другите, по можност за сите. Крајна цел е да станеме „соборна личност“, а нашата молитва да ги опфати сите луѓе – и од минатото, и од сегашноста, и од иднината; и блиските и далечните, и пријателите и „непријателите“; како што би рекол преподобниот Старец Софрониј од Есекс – целиот Адам.

Зошто, во суштина, не се молиме за себе? Не велам дека, формално, не можеме да изговориме и таква молитва, како – „прости ми, Боже“ или „Господи, помилуј ме грешниот“, свесни за својата отпаднатост од Бог и пад, но ќе објаснам зошто е и таа молитва секогаш за другите.

Кажано е во Светото Евангелие дека никој не може да Го нарече Исус – Господ, освен со помош на благодатта на Светиот Дух (види: 1 Кор. 12, 3). Со други зборови, штом ја изговориме Исусовата молитва веднаш стапуваме во благодатна заедница со Светиот Дух Господ и следствено, и со Отецот и со Синот. А штом сме во благодатна заедница со Света Троица, што ќе ни е повеќе од тоа? Ние преку молитвата само ја градиме заедницата со Бог – како деца Божји, а не дека бараме од Него некои од Неговите небесни и земни дарови – како наемниците. Ние сме деца Божји и само Му се даваме на Бог, без да бараме ништо од Него. Ние сме деца Божји и знаеме дека, на крајот и сега, сѐ Негово е и Наше; и дека Он најдобро знае што и кога, времено, да ни даде или одземе. Единствено на коешто треба да внимаваме при Исусовата молитва е да сме редовни на Светата Литургија – причестени со Светите Тајни, и да сме во послушание на духовен отец – при извршувањето на Божјите заповеди.

Што значи тоа да станеме „соборна личност“? Онолку колку што преку Исусовата молитва – преку молитвеното насочување на енергијата на нашиот ум кон нашето срце, како и преку исполнувањето на заповедите Божји, го чистиме нашето срце од наслагите на гревот, од нашите страсти и од демоноопседнатоста, толку повеќе нашите духовни очи ќе ни се отвораат за реалноста дека ние живееме во сите и преку сите луѓе, и дека сите луѓе живеат во нас и преку нас; и толку повеќе содржината на животот на сите луѓе станува содржина на животот на нашето срце. Овој соборен начин на живот преподобниот наш отец Јустин Ќелиски го нарекува – заемно проземање, како и заемно проникнување. Овој црковно-духовен феномен го вади човекот од гревовните рамки на микрокосмосот и го прави макрокосмос – битие, личност, која во себе ги возглавува сите луѓе, како и сѐ создадено. Кога срцето ќе ни се отвори за умно-срдечната молитва, а суштината на нашиот ум ќе се просветли преку оваа молитва, чувството на заемно проникнување ќе ја надвладее секоја индивидуалност во нас, дури и онаа прикриена со колективната маска, а ние стануваме личност – по образ и подобие Божјо. Соборна личност, во вистинска смисла на зборот, сечовек по благодат, станува оној што ќе го достигне степенот на обожение, на совршенство.

Имајќи го предвид претходно објаснетото црковно, светоотечко Предание, јасно ни е на сите дека како и да ја кажеме Исусовата молитва таа секогаш е за спасението на целиот Адам, но и колку, од аспект на просветленост и обоженост, изгледа глупаво секое правење идол од овоземните колективни шеми на човечко организирање, како и сѐ што е поврзано со тоа, наместо пастирскиот пристап кон истите.

Пресвета Богородице, спаси нас!