„Вечниот Бог“ во Струмичката епархија
 
 
 
 
 

„Вечниот Бог“ во Струмичката епархија (06.01.2023 18:49)

Христос се раѓа, славете!
Христос од небото, пречекајте Го!
Христос на земјата, воспејте Го!
Пеј Му на Господ цела земјо во радост!
Пејте Му народи, зашто Се прослави!

 

Со благослов на Митрополитот Струмички г. Наум, децата во празнична литија ја пееја песната „Вечниот Бог“ низ сите градови и села во Струмичката епархија, навестувајќи го најрадосниот христијански празник – Божик. „И дојде Празникот на големата радост, Празник кој никогаш не престанува. Започна на Божик, на денешен ден, и ете, тоа трае непрекинато...“ (св. Јустин Ќелиски).

Во Струмица, веста за Христовото раѓање ја објавија најмалите со празнична литија, која започна од соборната црква „Светите Методиј и Кирил“, а заврши со бадникарски концерт на плоштадот „Гоце Делчев“ со изведба на божикни песни. Децата се членови на школото за веронаука кое работи во рамките на епархијата. Пред да пристигнат на градскиот плоштад,  децата ја посетија општината, каде беа пречекани од викарниот епископ г. Јаков Стобиски и градоначалникот г. Костадин Костадинов, кои им поделија божикни пакетчиња на децата.

„Божик е празник на богочовечка радост. Предвечниот Бог, од преголема љубов кон човекот станува еден од нас и ја преминува непреодната бездна помеѓу созданието и Создателот. Бог станува човек, и му дава на човекот можност да стане бог. На Божик, одново и одново, ни се открива Христос, Кој на земјата донесе мир и меѓу луѓето блага волја. Во ближниот свој сега можеме да Го видиме Бог, и Бог станува наш брат и пријател“ (Викарен Епископ г. Јаков Стобиски).

Како и секоја година, и овојпат децата ја покажаа нивната голема хуманост. Собраните парични подароци, кои коледарчињата ги добија од верниот народ, ќе ги донираат во Фондација Елеуса. На овој начин, сакаат да помогнат, божикната радост да стигне и до најсиромашните нивни врсници кои не можат да си дозволат да купат празнично пакетче. И Фондација Елеуса и Струмичката Православна Епархија не ги заборавија своите најмлади, им подарија пакетчиња и скромен божикен подарок.

Христос се роди!

 

  

 

Празнична радост и во Ново Село

Пред платото на општината, во присуство на градоначалникот Ѓорге Божинов, свештенството од парохијата и верниот народ, децата ја испеаја „Вечниот Бог“, навестувајќи го христијанскиот празник Божик.

 

            

 

Во големата празнична радост се вклучија и децата од село Банско

По Божествена Литургија во манастирот „Светите Четириесет Севастиски маченици“, на која се причестија децата, со благослов од манастирот тие тргнаа низ улиците на село Банско во свечена литија, предвестувајќи ја најголемата христијанска радост – Рождеството Христово! Осумдесетина детски гласови во едно грло ја испеаја „Вечниот Бог“ за голема радост на жителите на селото.

 

   

                      

   

 

„Вечниот Бог“ одекна и во Берово

Предвесниците на Раѓањето Христово ги затоплија срцата на верниот народ под Малешевијата. Повеќе од четиристотини деца ја пееја „Вечниот Бог“ во празнична литија низ улиците на Берово.