Бигорски (21.08.2004)

Во манастирот Бигорски кај Дебар во тек е реконструкција на долните палати на гостинските конаци, кои во 1912 г. беа опожарени, а чие прво реновирање било извршено во 1936 г. Изведбата на сегашната реконструкција, донација на г-динот Трифун Костовски, настојува да им го врати изгледот на старите конаци од пред опожарувањето.

Манастирот Бигорски во 1912 година
Првата етапа од работите околу реконструкцијата заврши на празникот Благовештение (2004 г.), кога долните катови беа наполно обновени и уредени со потребниот инвентар и мебел.
Втората етапа од реконструкцијата на конаците се очекува да заврши пред претстојното празнување на манастирската слава, денот на Отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител (11 септември), кога ќе бидат готови надворешноста, фасадата, прозорците и чардакот на конаците, а ќе преостане внатрешното уредување на горниот кат.

