Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Интервју со Струмичкиот Митрополит г. Наум (06.03.2004)

 

Со Нишкиот договор Македонската Православна Црква добиваше најширока можна автономија, којашто веројатно подоцна би прераснала во автокефалија. Можете ли да ни кажете зошто споменатиот договор не е прифатен од страна на Синодот на Македонската Православна Црква?

 

            Не можеме да зборуваме за некаков Нишки договор, затоа што тоа е само работен документ на двете комисии, и тоа петти по ред, документ кој единствено Соборот на Српската Православна Црква и Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква се овластени да го прифатат и потпишат или да го одбијат. Соборот на Српската Православна Црква го прифати, исто како и претходниот работен документ од манастирот на Св. Наум кај Охрид, а Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква го врати на доработка, исто како и сите работни документи претходно. Доколку и двата овластени Собори го прифатеа Нишкиот работен документ на двете комисии, тогаш веќе ќе можевме да зборуваме за Нишки договор, а сега не. Мислам дека ова на сите им е јасно.

            Затоа прашањето правилно се формулира вака: зошто и овој работен документ не беше прифатен од Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква? Ние, како Комисија на Македонската Православна Црква, уште во Ниш се обидовме да им објасниме на претставниците на Српската Православна Црква дека две позиции од работниот документ, кои се пастирски апсурд, не можеме, а и не сакаме, да ги браниме, а тоа се: прво, непостоењето на уставното име на нашата Црква ‘Македонска Православна Црква’ во него, и второ: определувањето на нашиот административен статус со терминот ‘автономија’. Нашиот предлог беше името Македонска Православна Црква директно и јасно да постои во работниот документ, а наместо терминот ‘автономија’ да се користи веќе признатиот од страна на Српската Православна Црква во 1959 година термин ‘самостојност’. Овие две прашања, кои се единствени прашања што се спорни меѓу двете комисии, за нас како Епископи на Македонската Православна Црква имаат исклучителна пастирска важност, а секако не есхатолошка.

            Ние, сепак, како Комисија на Македонската Православна Црква, го потпишавме овој документ (и после сѐ што се случи гледам дека е тоа многу добро), затоа што неговата црковна содржина беше скоро исцрпена, односно што се однесува до црковната проблематика на документот ние како комисии речиси и немаме суштински разлики или спорни прашања помеѓу нас. Значи, откако ја усогласивме црковната содржина во работниот документ од Ниш и го постигнавме она што претставува еклисиолошки идеал (да не дозволиме нашите духовно самостојни и слободни Цркви да се најдат во зависност или подреденост една спрема друга, освен во евангелска „зависност“ во иста вера, во иста благодат, љубов и евхаристиска заедница) и на најголемиот лаик му е јасно дека употребата на термините ‘автономија’ или ‘автокефалија’ или ‘самостојност’ станува беспредметна, односно обична формалност. Загрижува фактот дека една најобична формалност се појавува како пречка во односите помеѓу двете ерархии, особено кога знаеме дека Отците за да го сочуваат единството на Црквата воведувале нови термини дури и во тријадологијата, како на пример Никејскиот термин ‘единосуштен’.

            Што се однесува пак до користењето на името Македонска Православна Црква, сакам претходно да се потсетиме на следново: основен услов за секоја Помесна Црква во нејзината апостолска мисија, односно проповедта на Евангелието на нашиот Господ Исус Христос на секој човек, е почитувањето на личниот идентитет (а со тоа и на националниот) на секоја конкретна личност на којашто со нашата проповед ѝ се обраќаме. Промашувањето на личниот идентитет на оној на кого му се обраќаме, независно од кои причини е тоа, значи сигурен неуспех на црковната мисија и негација на нас самите како пастири. Пастирски идеал, за сите нас, претставува односот на Св. Апостол Павле: зашто, иако слободен од сите, станав роб на сите, та повеќето од нив да ги придобијам: на Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и нив; за оние што се без закон, станав како да сум без закон, иако пред Бога не сум без закон, туку сум под законот на Христа, за да ги придобијам и оние што се без закон. За слабите станав како слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сѐ, та по каков и да било начин да спасам некого. А ова го правам заради Евангелието, за да бидам учесник во него (1 Кор. 9, 19 - 23). И на крајот, пастирско промашување и сатанско дело е да се нарушува слободата и достоинството на човекот непризнавајќи го неговиот личен идентитет, а особено обидот тој да се смени.

            Значи, ние како Комисија го потпишавме работниот документ во Ниш заради усогласеноста на нашите ставови околу клучните еклсиолошки, канонски и литургиски прашања, а нашиот Свет Синод заради пастирската недооформеност и на тој работен документ не го прифати, затоа што прашањето на името и статусот на нашата света Црква стана прашање на идентитетот, достоинството и историската борба на нам доверениот православен народ, односно актуелно политичко и национално прашање и како такво - актуелно пастирско прашање. Главното прашање коешто сега се поставува пред Соборот на Српската Православна Црква е зошто не би го прифатил името Македонска Православна Црква кога веќе тоа е основно пастирско прашање за Синодот на Македонската Православна Црква (односно основен и единствен начин за првичен пристап кон доверениот народ) и кога веќе немаме суштински разлики во црковната содржина на последниот работен документ меѓу двете комисии. Или, зошто Српската Православна Црква и останатите Помесни Цркви не го прифаќаат нашиот предлог за користење само на еклисијалните имиња во официјалните односи меѓу Црквите, како на пример: Охридска Архиепископија, Пеќска Патријаршија, Атинска Архиепископија итн.? Ако овие две прашања немаат теолошки одговор, тогаш сѐ друго е световна политика.

 

Од историјата ни е познато дека ниедна црковна област нема добиено автокефалност пребивајќи во раскол. Пример е Бугарската Егзархија, којашто 80 години беше во раскол и најпрво мораше да се врати во канонскиот поредок, па дури потоа доби автокефалност. Наполно идентичен пример е Американската Православна Црква. Зошто Македонската Православна Црква не се одлучи за таков чекор, а потоа да побара автокефалност?

 

            Дали е токму таква историјата на добивање автокефалност како што се обидовте сега во два-три реда да ни објасните тоа е големо прашање, но тоа сега не е битно. Тоа воопшто не е проблем помеѓу Македонската Православна Црква и Српската Православна Црква. Ние бараме содржината од Нишкиот работен документ што се однесува на статусот на нашата Црква терминолошки да се определи како самостојност. Како што објаснив погоре, за сите точки во Нишкиот работен документ што се од чисто црковна содржина (еклисиолошка, литургиска, канонска итн.) нема спротиставени мислења меѓу двете комисии. Затоа лично мислам дека користењето на терминот ‘самостојност’, со оглед дека претставува формално прашање, не би требало да се појави како проблем меѓу двете комисии и Цркви.

            Главен проблем за Комисијата на Српската Православна Црква е употребата на името Македонска Православна Црква од наша страна, а кога такво нешто ќе се јави како проблем помеѓу две Цркви, со сите последици што од тоа произлегуваат и коишто овие денови ги гледаме, ...расудете сами што е тоа. Објаснувањето дека тоа им пречи на Грците е неприфатливо. Ако се сака има решение и за тоа, погоре го спомнав: со користење на еклисијалните имиња. Инаку, во православниот свет кога ќе се постави прашање за Македонската Православна Црква претставниците на Српската Православна Црква секогаш истакнуваат дека е тоа нивен внатрешен проблем. Ние не бараме томос за автокефалност од Цариград, ние го решаваме црковниот проблем помеѓу нас и Српската Православна Црква. Кој има уши да слуша, нека чуе.    

 

Денес во Р. Македонија постои и канонска ерархија, на чело со митрополитот Јован, призната од сите Помесни Православни Цркви. Што ако се случи таа ерархија наскоро да добие автокефалност, каков став би зазел вашиот Синод? Дали би ја изгубил поддршката од клирот, државата и народот?

 

            Вистинското прашање гласи: зошто некој од Српската Православна Црква токму сега го презема тој чекор и го предизвика овој, иако безначаен, раскол во Македонската Православна Црква? Македонската Православна Црква во последните неколку години доживуваше незапамтена обнова во споредба со соседните Православни Цркви. Се обновија над дваесет манастири со околу стотина монаси и монахињи со сите позитивни ефекти што произлегоа од тоа. Тие ефекти секако ќе се почувствуваа и во Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква. Зошто ваква авантура, токму сега, после четириесет и пет години трпеливо чекање и во моментот кога веќе најдовме заеднички јазик во Ниш?

            Го нареков раскол тоа што вие го нарековте канонска ерархија, не затоа што се само стотина луѓе, не затоа што немаат ниту еден храм, не затоа што немаат ниту еден манастир, не затоа што не ги сакам (повеќето од нив јас ги замонашив и ракоположив, почнувајќи од егзархот српски Јован) и не затоа што не ги сметам за канонски, ги нарекувам раскол затоа што со тоа што го направија не постигнаа ама баш никаков пастирски ефект, затоа што пастирски го промашија македонскиот народ и бесцелно се оддалечија од него и затоа што последиците од нивното постоење можат да бидат многу негативни за единството на целата Православна Црква. Кога веќе констатираме пастирско промашување, се става под прашање и нивната каноничност, и нивното расудување и сѐ останато. Ако некој од српскиот висок клир кој го сторил ова мисли дека ќе има мирна совест и благослов Божји со тоа што инсталирал во Р. Македонија стотина луѓе на чело со некаква канонска ерархија и што насекаде ќе ги претставува како призната Црква, а истовремено два и пол милиони православни Македонци во Република Македонија и во дијаспората, ненамерно или не, ги остава надвор од видлива литургиска заедница на штета на севкупното сведоштво на православното единство во светот, таквиот многу се лаже.

            Инаку, не сум чул дека некој официјално го признал овој раскол, а знам неколку Помесни Цркви кои со тоа воопшто не се слагаат. Како што веќе нагласив, проблемот не е во автокефалноста, проблемот е пастирски и се однесува на името ‘Македонска Православна Црква’. Едноставно ние без ова не можеме да му пристапиме на православниот македонски народ. И никој нека не негува лажна надеж, таа ерархија, особено без името Македонска Православна Црква, и да добие автокефалност од никого нема да биде прифатена, затоа што веќе еднаш пастирски го промаши овој народ и овој народ знае дека е предаден од тие луѓе, а тоа тешко може да се заборави. Знаете каде е вистинскиот проблем и што мене ме плаши? Што ќе биде со нив ако еден ден Српската Православна Црква го формулира и прифати договореното во Ниш како ‘самостојност’ и го прифати нашето уставно име ‘Македонска Православна Црква’? Ако тој ден дојде бргу, тогаш ќе имаме вистински проблем со таканаречената канонска ерархија: како ќе ги прифати народот назад? Расколот брзо се прави, но тешко се исцелува. Знаете ли колку пати самоорганизираната Црногорска Православна Црква нѐ молеше да ѝ помогнеме за хиротонии, студирања, обнова на манастири итн.? Досега, не ни помисливме да го сториме тоа.

 

Четири манастири со околу триесет монаси и монахињи веќе преминаа под јурисдикција на автономната Охридска архиепископија. Во јавноста се зборува за најавен премин на уште неколку манастири. Што планирате да преземете за да го спречите преминувањето на останатите?

 

            Нивниот број не е триесет туку најмногу дваесет од кои половината се искушеници. Манастири немаат затоа што своеволно ги напуштија, изнесувајќи го инвентарот од нив многу денови претходно, што е и уредно евидентирано. Пoвеќето од нив се мои монаси. Овие млади луѓе уште на почетокот од монашкиот живот беа советувани да растат духовно и интелектуално, да го достигнат свештеничкиот идеал: умносрдечната молитва, односно излегувањето на умот пред олтарот на срцето, без што никој не може да се нарече вистински монах и вистински свештеник и ако еден ден Бог благоволи и тие влезат во Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, тогаш од внатре, како добри пастири, со многу трпение да го променат она што со векови се искривувало заради негрижата на инородните наемници. Но ништо. Тие предвреме посакаа да станат пастири и да водат свои манастири, за на крајот потполно да го изгубат чувството и идентитетот на пастир губејќи го реалниот допир со цел еден народ. Зашто Пастирот мора да ги знае духовната возраст и сила и потребите на својата паства за правилно да ја води и навреме да ја храни. По таа грижа паствата и го познава својот Пастир. Јас  сум добриот Пастир: и ги знам Моите и Моите Ме знаат Мене (Јован 10, 14). И овците го слушаат гласот на Пастирот, и тој ги вика своите овци по име; и ги изведува. И кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, и овците одат по него, бидејќи му го познаваат гласот негов (Јован 10, 3 – 4). Пастирот го води целиот доверен народ кон видливо канонско и литургиско единство, а не самиот себеси. Ако, пак, се случи тоа, тогаш не е во прашање Црквата туку некои други интереси. А по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, оти гласот на туѓиот не го познаваат (Јован 10, 5).

            Инаку, други преминувања нема да има, а наскоро и останатите два од трите празни манастирски објекти ќе бидат пополнети со нови монаси. Еве го соопштението на останатите игумени и игумании: Ние, монашките братства и сестринства во манастирите на Македонската Православна Црква (МПЦ): Св. Наум Охридски, Св. Јован Крстител (манастирот Бигорски), Св. Георгиј во Рајчица, Пресвета Богородица - Матка, Св. Никола - Љубанци, Св. Гаврил Лесновски, Пресвета Богородица и Св. Архангел Михаил во Берово, Св. Леонтиј во Водоча, Св. Јоаким Осоговски, Пресвета Богородица во Велјуса, Св. 40 маченици во Банско, Св. Марија Магдалена во Дојран, Св. Георгиј во Кучково, Св. Преображение во Зрзе, Св. Архангел Михаил во Варош, Св. Атанасиј во Журче, Св. Јован Богослов во Слепче, Пресвета Богородица во Калишта, Сите Светии во Дебарца, Пресвета Богородица - Пречиста Кичевска, Св. Спас во Скопје и др. - изјавуваме дека остануваме верни на Македонската Православна Црква, на Црквата во која сме крстени, духовно растени и во која сме замонашени и сме примиле свештеномонашки чинови, во која се причестуваме и на која слободно ѝ се заветувавме да ѝ служиме.

            Како монаси и монахињи длабоко ја чувствуваме и живееме вистината дека сме чеда на нашата древна Света Црква и дека сме плод на покајанието на македонскиот православен народ и никогаш нема да ја изневериме нашата монашка и пастирска одговорност за негово водење кон Христа Господа, останувајќи послушни на епархиските архиереи и на Светиот Архиерејски Синод на нашата Македонска Православна Црква.

Христос се роди!

 

Имаме информација дека во Синодот на Македонската Православна Црква се разгледува можноста за пензионирање на Митрополитот Полошко-кумановски Кирил и на Европскиот Горазд. Дали ова навистина ќе се случи и сметате ли дека тогаш полесно би нашле излез за надминување на расколот?

 

            Митрополитот Полошко-кумановски Кирил и Митрополитот Европски Горазд ќе одат во пензија кога самите ќе оценат. Секако, тие воопшто не се пречка за остварување на канонско и литургиско единство со Српската Православна Црква. Уште еднаш ќе повторам: во суштина, речиси сѐ што се однесува на чисто црковната содржина на нашето недоразбирање е усогласено во Ниш; ние го сакаме тоа канонско и литургиско единство, нашиот Архиепископ секогаш на Светата Литургија ги спомнува имињата на сите поглавари на помесните Православни Цркви и Патријархот Павле. Проблемот е во тоа што Комисијата за разговори на Соборот на Српската Православна Црква сѐ уште не е подготвена да го прифати нашето уставно име, Македонска Православна Црква, и се двоуми нашиот административен статус, согласно содржината на она за што се договоривме во Ниш, да го формулира како самостојност. Без нашето име, Македонска Православна Црква, и без формулирање на административниот статус на Црквата како самостојност, би морале да нѐ разберете, ние како Пастири не можеме да излеземе пред својот народ. Видовте што се случи со поранешниот Повардарски Митрополит.

            И добро е што ја услогласивме црковната содржина на Нишкиот работен документ, бидејќи сега се гледа сиот апсурд на нашето недоразбирање: со што ние православните се маткаме на голема соблазна на сите луѓе и на голема штета на сведоштвото, во сила, на нашиот Господ Исус Христос.

 

Ако дојде до тоа, дали околу надминувањето на расколот би преговарале со Српската Православна Црква или со автономната Охридска архиепископија, со оглед дека каноните налагаат тоа да биде со оваа последнава?

 

            Македонската Православна Црква законски е регистрирана под името Охридска Архиепископија и од тоа име не сакаме и не можеме никогаш да се откажеме. Друга Црква под тоа име не може да се појави, ни кај нас ни во светот, зашто тоа би било незаконско, лажно претставување.

            Лично мислам дека после сѐ би требало да оставиме да помине еден период во којшто би требало состојбата да се смири без притоа некој да се обиде повторно да ги разгорува страстите. Исто мислам дека треба да помине и изборот за нов Патријарх во Србија, бидејќи со тоа ќе го избегнеме пројавувањето на екстремни преговарачи од српска страна коишто меѓусебе би се докажувале кој е поголем заштитник на српските национални интереси во борбата за патријаршискиот престол, а на штета на разговорите. Во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија се подготвуваат нови хиротонии. Откако и н  ќе ги консолидираме нашите редови, тогаш ќе можеме да седнеме на масата за разговори, и тоа најверојатно под покровителство на Руската Православна Црква.

            Се надевам дека ќе успееме. Се надевам дека здравите сили ќе надвладеат на двете страни. Се надевам дека нема да му дозволиме на ѓаволот да ни се смее, зашто тоа што нѐ раздвојува е смешно, а тоа што нѐ соединува е Христос. Ви благодарам што овозможивте и нашиот глас да стигне до Епископатот, свештенството и верниот народ на Српската Православна Црква. Сакам, на крајот, да побарам прошка од сите читатели на интервјуто, кое го завршив на Прочка, 2004 година.