Донација на „ЕВН Македонија“ на манастирот Успение на Пресвета Богородица - Матка (08.04.2009)

„ЕВН Македонија“ донираше расходуван мебел во неколку религиозни, здравствени и образовни институции и невладини организации. Се работи за мебел кој се јави како вишок по реорганизацијата на компанијата, но кој е во добра и функционална состојба. Донациите се наменети за Специјалниот завод во Демир Капија, Општата Болница во Куманово, Клиниката за психијатрија во Скопје, Домот за деца без родители „11 Октомври"-Скопје, Градската болница во Велес, 11 образовни институции меѓу кои неколку основни училишта и градинки. Со денешната донација опфатени се многу цркви, манастири, џамии, повеќе невладини организации и народни кујни.
„ЕВН Македонија е одговорен член на заедницата и активно работи на нејзиното унапредување во повеќе сегменти. Посебно сме фокусирани на активности во неразвиените општини, каде напредокот ќе дојде само преку заедничка акција на пошироката заедница", изјави Илија Спировски, член на УО на ЕВН Македонија, при предавањето на дел од мебелот на Македонската Православна Црква во присуство на г.г. Стефан.
Акцијата за донација на мебел што ја организира „ЕВН Македонија“, се одржува по втор пат, а во акцијата се вклучени сите институции кои позитивно ја прифатија оваа иницијатива на компанијата. Минатата година беше организирана иста акција, кога беше дониран мебел во повеќе училишта лоцирани во рурални општини, а кои се водеа како наши редовни потрошувачи.
Вкупната книговодствена вредност на донираниот мебел од двете акции изнесува околу 100.000 евра. Соработката со заедницата и сите заинтересирани институции продолжува и понатаму.
„По вчерашниот празник на благата вест, празник Благовешетние, еве уште една убава вест за Македонската Православна Црква, поконкретно за манастирот на Пресвета Богородица, овде во Матка, имено, ЕВН Македонија подари различни предмети, кои овде ќе бидат ползувани и во кујната и во собните келии во манастирот, предмети кои се особено потребни. Ја користам можноста на дарителот „ЕВН Македонија“ најискрено да им заблагодарам. Слично вакво дарување ЕВН веќе направи или ќе направи за уште неколку манастири, и во Скопска и во другите наши епархии, во Марковиот манастир, овде во Скопје, и во некои други, за кујните народни што се во Скопје, и таму каде што ќе има потреба ќе бидат однесени.
Ја користам можноста најискрено да им заблагодарам на луѓето од ЕВН за овој голем дар и да им посакам, Господ да им возврати за нивното дарување.“, рече Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.






Известува: Калина Трпеска