Скопје, на празникот на Воведение на Пресвета Богородица (06.12.2008)

На празникот на Воведение на Пресвета Богородица, пред почетокот на светата Литургија, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, заедно со свештенството од Скопската епархија, ги освети новопоставените икони на иконостасот во црквата на Рождество на Пресвета Богородица во Скопје, а потоа отслужи Архиерејска Божествена Литургија. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни. Иконостасот е изработен од рацете на нашиот познат зограф Никола Цонев, а ктирор е г. Трифун Костовски со семејството.
„Возљубени, празнувањето на овој спасоносен настан од животот на Пресвета Богородица, и нам денес ни порачува да размислуваме колку е благотворно редовното посетување и редовното престојување во храмот, и особено колку е полезно учеството во светите богослужби. Ако знаеме што претставува храмот, тогаш уште повеќе ќе ја разбереме ползата од нашето присуство во него. Секој храм ја претставува Црквата Христова, во секој храм го имаме она што Господ Исус Христос ни го оставил за наше спасение. Храмот е место каде што се објавува науката Христова, место каде што се потсетуваме на проповедта на апостолите, на претскажувањата на пророците. Овде во храмот ни се даруваат различните дарови на Светиот Дух преку Светите Тајни.“, рече Архиепископот г.г. Стефан во својата беседа на Божествената Литургија.






Известува: Калина Трпеска