Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Со благослов на г.г.Стефан, педесет деца од Македонија ќе го посетат Израел (22.02.2008)

Педесет деца на загинати бранители, деца без родители, деца македонски богослови, студенти на Теолошкиот факултет во Скопје и членови на Детската амбасада за сите деца во светот во почетокот на март ќе го посетат Израел и светиот град Ерусалим.

 

Патувањето го организира Детската амбасада за сите деца во светот со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и со поддршка од Комисијата за прашања на верските заедници и религиозни групи на Македонија. Генерален спонзор е Агенцијата за млади и спорт. Претстојната посета на Ерусалим, ќе се оствари под мотото „Каде што почнува светот со граници таму завршува нашето детство“. Децата ќе ги поминат државните граници без патни исправи и ќе бидат легитимирани преку членски легитимации на Детската амбасада за сите деца во светот.

 

Теологот Далибор Китановски на прес-конференцијата истакна дека групата ќе ги посети знаменитостите во Ерусалим -  Патот на солзите, Крвната нива, Ерусалимската порта, Голгота, Базиликата Светиот гроб, Црквата на воскресението, како и Витлеем, Ерихон, Мртвото Море, реката Јордан и стариот град Јафа.

 

- Со тоа ќе ги видиме и доживееме сите оние места и случувања кои се опишани во Стариот и во Новиот завет. Не треба секогаш да им зборувате на децата за љубов и за верата, некогаш тоа е доволно само да го доживеат, а тоа е поголемо и од зборот. На крајот од патувањето сите учесници ќе добијат сертификат потпишан од Ерусалимскиот патријарх Теофил Трети, рече Китановски.

 

Со одобрение на семејството на Тоше Проески кое го пренесе неговиот другар Петар Здравески, и по негова желба децата на Гробот на Исус Христос ќе положат маички со ликот на Тоше и осветени ќе си ги земат. По враќањето делегација предводена од Детската амбасада ќе го посети домот на Проески и вечното почивалиште на Тоше.

 

Извор: МИА