Возобновената црква на Пресвета Богородица ќе се освети на 31 јануари (17.01.2008)


Црквата „Пресвета Богородица“, која е возобновена благодарение на донацијата на Трифун Костовски, ќе биде осветена на 31 овој месец, на денот Свети Атанасиј Велики. Иако нецелосно завршена, црквата е во фаза кога ги содржи сите неопходни елементи за осветување и конечно отворање на нејзините порти за верниците. Деновиве интензивно се работи на надворешното партерно уредување, откако неодамна заврши изведбата на комплетната канализациска мрежа и осветлението. Се доработуваат и завршните работи на куполата на храмот. Раководителот на објектот, Ките Илчески, од фирмата „Артинг“ која ги изведе главните градежни работи, вели дека по осветувањето останува да се завршат „ситни нешта“ на објектот.
„Треба да се доизведе дел од внатрешното осветление и уредувањето на црковниот двор. Тие активности нема да попречуваат верниците да ја посетуваат црквата“, смета Илчески. Инаку, во дел од дворот интензивно се работи на пристапните патеки до објектот, а екипи на „Паркови и зеленило“ вршат кроење на дрвјата на улицата што води до црквата, а која, според ДУП, е предвидено да се претвори во пешачка зона. Според Илчески, за предавање во употреба е подготвена и камбанаријата, која ја сочинуваат четири ѕвона специјално изработени во Австрија.
На изработката на иконостасот работеше струшката фирма „Небра“, чиј сопственик и главен изведувач Јаков Наумовски вели дека биле потребни осум месеци за негово целосно завршување. „Бевме ангажирани 12 луѓе. Иконостасот е изведен со бел прилепски мермер ‘сивец‘, при што се потрошени 10,5 кубни метри материјал. Работевме со компјутерски машини, а потоа рачно доработувавме. Иконостасот го кроевме на самото место во објектот и потоа го монтиравме. За спојување користевме врвни материјали“, вели Наумовски, посочувајќи оти некои од деловите на иконостасот тежеле дури и до 400 килограми. Тој е презадоволен од изведената работа и за него, а најверојатно и за другите, највпечатливи ќе бидат изведените мотиви на ло
зови листови со гроздови и царската круна.
Инаку, иако на поставувањето на камен-темелникот на црквата пред околу три и пол години беше ветено дека таа ќе биде готова за една година, работите непредвидено се одолжија. Донаторот Трифун Костовски неодамна рече дека дел од застојот на работите се должел на отстапки од договорот што ги направила МПЦ, која иако првично задолжена да обезбеди средства за камбанаријата и за целосното внатрешно уредување на објектот и дворното место, тоа не го испочитувала. Од тие причини Костовски од првичната донација од еден милион евра, дал дополнителни 500.000 евра.
ДЕСПИНА ТРАЈКОВСКА
Извор: Утрински весник