Осветен нов параклис посветен на Покровот на Пресвета Богородица при манастирот на свети Спиридон – метох на Лесновскиот манастир (15.10.2007)

На ден 13. 10. 2007 година, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан заедно со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, а во сослужение на игуменот на Лесновската обител отец Дамакин, јеромонахот Исак од Лесновскиот манастир, протоѓаконот Димко Миланов, протоѓаконот Дени Насков и ѓаконот Саше Ристов, го освети новиот параклис посветен на Покровот на Пресвета Богородица при манастирот на свети Спиридон во Злетово, метох на Лесновкиот манастир.
Во своето обраќање Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан рече: „народ руши народ гради, но еве со доаѓањето на монасите при Лесновскиот манастир се обнови и ова светилиште, овде се одеше по едни мали патеки и сѐ беше разрушено но еве сега пред два месеци ја осветивме манастирската црква на светиот Спиридон Чудотворец заедно со конаците, а сега и овој прекрасен параклис...”
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион се заблагодари на Неговото Блаженство, Нашиот Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, кој како духовен татко се погрижи и дојде, и покрај сите обврки, и го освети овој параклис бидејќи ова е Негова желба уште додека беше надлежен архиереј на Брегалничката епархија.
По осветувањето, верниот народ заедно со Поглаварот и надлежниот архиереј пристапи на трпезата на љубовта приредена од сестринството на манастирот.




Известува: ѓакон Саше Ристов