Осветена нова црква на Успението на Пресвета Богородица во село Сарамзалино (29.08.2007)

На 28. 08. 2007 година, кога Православната Црква го прославува Успението на Пресвета Богородица, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на: протоереј-ставрофор Бојан Димков, старешина на соборниот храм на Св. Никола во Штип; протоереј-ставрофор Јордан Тасев, старешина на храмот на Св. Никола во Свети Николе; протоѓакон Димко Миланов, епархиски секретар; протоѓакон Дени Насков, епархиски сметководител и ѓакон Саше Ристов, епархиски референт, го освети новоизграденот храм посветен на Успението на Пресвета Богородица во с. Сарамзалино. Храмот е ктиторско дело на г. Васил Јовановски со семејството и вработените во ТД ИГМ “Џумајлија” - Лозово. Храмот претставува вистинска убавина и е изграден за седум месеци (камен темелникот беше поставен на 14. 01. 2007 година). Во својата беседа Митрополитот г. Иларион му заблагодари на г. Васил Јовановски со семeјството и вработените во ТД ИГМ “Џумајлија” - Лозово за ова ктиторско дело, кој храм се изгради и освети во оваа јубилејна година кога нашата древна Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква ја слави возобновената 40-годишна духовна слобода како автокефална Македонска Православна Црква во сѐ еднаква со сите Православни автокефани Цркви. Исто така, Митрополитот, во новоосветениот храм го повика и богољубивиот народ од овој крај на светотаински литургиски живот во заедница со Бога преку Светата Евхаристија за здравје, спасение и подготовка за вечен живот. Овој богоугоден пример нека го следат многумина градејќи храмови за слава на Бога, а воедно и сите ние сочинувајќи жива Црква Христова.
Истиот ден г. Васил Јовановски, пред многубројниот народ, во името на своето семејство и вработените во ИГМ “Џумајлија” го предаде во трајно владение храмот на Македонската Православна Црква, односно, Брегалничката Епархија.




известува: ѓакон Саше Ристов