Неразделна љубов
 
 
 
 
 

Неразделна љубов (16.09.2017 09:21)

Во денешното евангелско четиво (види: Матеј 22, 35–46) постојат два навидум посебни дела. Првиот дел е оној во кој Христос говори за двете најголеми заповеди: првата – „возљуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, и со сиот свој разум“; и втората – „возљуби го својот ближен како себеси“.

            Битно е да запамeтиме дека: колку повеќе преку исполнување на заповедите Го познаваме Бог, а главната од нив е љубовта кон ближниот, толку попрецизно и посилно преку молитвата ја насочуваме енергијата на нашиот ум кон Бог. И обратно: колку повеќе ја преобразуваме енергијата на нашиот ум преку заедница со несоздадената Божествена енергија, толку повеќе ќе имаме сила да ги исполнуваме заповедите Божји за љубов – во пракса, и толку повеќе ќе бидеме ослободени од гревовното влијание на светот врз нас. Едната без другата заповед е невозможно да се исполнат.

            Во вториот дел од евангелското четиво, Христос ги запрашува фарисеите како може ако Христос e само Син Давидов, како што и тие самите тврдат, Давид да Го нарекува и Господ? Со ова Самиот Христос им укажува дека Синот Божји истовремено е и Син Човечки, односно дека се воплотил и станал Богочовек, и дека како Таков ги исполнил и двете заповеди, па од тој момент тие две најголеми заповеди веќе не се слични, туку се еден и ист подвиг.

Освен тоа што ги исполнил овие заповеди, Он уште и рекол: „Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 40), со што уште еднаш покажува и потврдува дека – да се љуби ближниот како себеси е исто што и да се љуби Бог со сето срце, душа и разум.

            Заповедта за љубов кон ближните не ги исклучува ни непријателите; напротив, љубовта кон непријателите е единствената прецизна мерка и критериум за љубовта кон Бог и кон секој човек (види: Матеј 5, 44). Со други зборови, колку благодат Божја имаме да го љубиме и оној што ни прави зло, толку благодат Божја имаме да ги љубиме и Бог и својот ближен – ни помалку, ни повеќе.

Да не се лажеме себеси... Оној што ја има љубовта како дар на благодатта на Светиот Дух не може истовремено и да мрази. Сѐ друго се само обични човечки чувства, односно душевност, а не духовност, каде што некого сакаме, а некого мразиме.

Затоа и ви велам, целта на демонот е во ближниот да гледаме непријател, да вратиме на злото со зло и да останеме без благодатта на Светиот Дух; а притоа, уште да мислиме и дека сме побожни и дека на Бог Му принесуваме жртва. Тогаш веќе комплетно ќе нѐ има во своите раце.

            Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум