Лесно предвидлива разврска
 
 
 
 
 

Лесно предвидлива разврска (22.04.2020 09:58)

И христијаните се луѓе со свои слабости. Но, за да го носат достојно името, треба и да се свесни за своите слабости, како и да се борат против нив. Без таквата свесност и подвиг, името христијанин би било само форма без содржина.

            Ако целта на христијанството е „да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил“, тогаш една од поголемите слабости би била меѓусебните поделби.

            И така, православните христијани се делат и внатрешно, во рамките на една помесна Православна Црква, и тоа доктринарно: на зилоти (старокалендарци), екуменисти и на оние што се држат до царскиот пат; по персонална припадност: на овој и оној духовник или владика; партиски: на оваа или онаа партија итн.

            Се делат и според надворешни критериуми, и тоа по националност: Грци, Срби, Бугари, Руси, Романци, Македонци итн., и по јурисдикција: на оние што се за Српската, односно Руската Црква, и на оние што се за Цариградскиот Патријарх. Има и такви што се самодоволни и не ги интересира кој и дали ги признава.

            Сите овие и други поделби ќе отпаднат во времето на вистинскиот прогон. Тогаш ќе има само една поделба: на оние што, без оглед на кои било маки и загуби, ќе останат со Христос и Богородица, и на оние што, од самољубие, ќе Ги предадат. (Ова, отприлика, го разговарав, по повод најновите случувања, со еден митрополит од Грција.)

            Ако е разврската лесно предвидлива, тогаш зошто така лесно се прифаќаат и се преценуваат повеќето од овие несуштински поделби, што е во корист само на ѓаволот, и зошто се заборава дека тие што ги потхрануваат (на штета на единството на Црквата) се профилираат во негови слуги? Или, можеби, овие поделби се јасни предзнаци...

Затоа, неопходно е од противприроден да преминеме во природен начин на живот и да ја надминеме нашата внатрешна суштинска поделба (дуализмот меѓу умот и разумот), од која произлегуваат сите деструктивни поделби, та „да застанеме смирено, да стоиме со страв“ во начелното Божествено Предание... и во молитвата која ги собира сите.

Христос Воскресе!

Митрополит Струмички Наум