Божикна литија во Струмица
 
 
 
 
 

Божикна литија во Струмица (06.01.2020 20:00)

Денес, на Бадник, се одржа Божикна литија низ улиците на градот Струмица. Децата, пеејќи ја божикната песна „Вечниот Бог“, како гласници – како некогаш ангелите –  на целиот град му ја објавија радосната вест за Христовото раѓање.

Литијата започна од црквата „Свети Григориј Палама и свети Димитриј“, па се движеше кон градскиот плоштад, низ улиците, сè до манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица. Во манастирот ги пречека викарниот Епископ г. Јаков Стобиски, кој им подари пакетчиња.

Во оваа прилика, тој им се обрати на децата со следните зборови:

„Секогаш децата се предвесници и ги пејат божикните песни по улиците на нашите градови, поради тоа што во детските срца нема ништо друго освен радост. И детството и тој период од животот на човекот е, всушност, образец и показател на она зошто Бог го создал човекот и во каква атмосфера замислил Бог да живее човекот. Тоа е истата онаа атмосфера во којашто живеете вие и го поминувате детството. И, затоа овој радосен настан на Раѓањето Христово никој друг не може поавтентично да го посведочи од децата“ – рече отец Јаков.