Има ли каде да сее семе сејачот?
 
 
 
 
 

Има ли каде да сее семе сејачот? (20.10.2018 08:40)

„А оваа парабола значи: семето е словото Божјо. Она, што падна покрај патот, се оние кои слушаат; но потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат; а она на камен – се оние, кои кога ќе го чујат словото, со радост го примаат; но немаат корен и веруваат некое време, па штом дојдат искушенија, тие се откажуваат; тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние што го слушаат словото, но кога отидат, се подаваат на грижи, богатства и наслади од овој живот и не донесуваат плод; а оние на добрата земја се тие што го слушаат словото и го пазат во добро и чисто срце, и принесуваат плод со трпение.“ Штом го рече тоа, извика: ‘Кој има уши да слуша, нека чуе!‘“ (Лука 8, 4–8).

Семето што паѓа покрај патот ги објаснува оние христијани што се поистоветуваат со нацијата. Не може словото Божјо да донесе плод во оној што го изгубил својот христијански идентитет.

Семето што паѓа на камен ги објаснува оние христијани што се поистоветуваат со државата. Не може словото Божјо да го прими длабоко во себе и тоа да му донесе плод на оној што својата сигурност ја потпира на овој свет, а не во Бог.

Семето што паѓа во трњето ги објаснува оние христијани што се поистоветуваат со некоја партија. Не може словото Божјо да донесе плод во оној чиј ум е расеан по световните грижи за задоволување на своите телесни страсти.

Само оној што ќе го сочува својот христијански идентитет, а истовремено ќе покаже пастирска грижа, проследена од конкретни подвизи и жртви, кон нацијата, државата и партиите, само тој ќе успее да донесе плод и за она за коешто пастирски се грижи и за себе, во слава Божја. Кај него словото паднало на добра земја – во срце очистено од гревовните страсти.

А, што се однесува до соборноста на Црквата – не се збунувајте! Сум ви рекол дека соборноста е, пред сѐ, суштина на животот на човек кој своето срце го очистил од страстите и го добил дарот на умно-срдечната молитва. Очигледно, соборноста на Црквата, не е толку во национално-административната поделба и црковните јурисдикции, одредувани од овосветската политика и етнофилетизмот.

Ние треба да Го следиме Светиот Дух Господ и да сме украсени со Неговите плодови; Он сигурно не нѐ следи нас во нашите поделби и нељубов.

Затоа и Христос Богочовекот вели: по плодот (на умно-срдечната молитва, оти нема друг) ќе се препознаете меѓу себе, а не по видот на дрвото и големината на гранките (а не по големината на националните цркви и нивните јурисдикции) – види: Матеј 7, 16. Нашата вера е во Една, Света, Соборна и Апостолска Црква.

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум