Несреќни лозари
 
 
 
 
 

Несреќни лозари (25.08.2018 22:44)

И повторно дојдовме до тие несреќни лозари.

Какви се тие лозари (види: Матеј 21, 33–42), да се запраша секој нормален човек, кои ем немаат сопственост над лозјето, ем посакуваат да го присвојат лозјето, ем се подготвени и Синот на Господарот на лозјето да Го убијат поради таа цел? Тоа се безбожници и криминалци од најлош вид.

Зошто се такви? Затоа што се заробени, преку демоните, од страстите за човечка слава и власт (славољубие и властољубие), од страста за пари и имот (среброљубие), и од страста за болно задоволување на телесните потреби.

И не само тоа, тие и самото лозје сакаат да го одгледаат на таков начин што лозјето да носи плодови кои ќе ги задоволуваат нивните страсти. Секако, друг начин не ни знаат. Еве, прашајте ги за умно-срдечната молитва, и ќе видите дека не знаат ни да гукнат на таа тема.

Клучниот проблем е што тие се единствените одговорни за спасението на луѓето, а наместо тоа – нив ги интересираат само нивните џепови, нивните тела и нивниот восхит.

Ако мислите дека јас сум престрог, видете што ни говори Богочовекот Исус Христос: „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите. Тие говорат, а не извршуваат; врзуваат бремиња тешки и мачни за носење, и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ни со прст да ги помрднат; и сите свои дела ги прават за да ги видат луѓето; сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите, и поздрави по улиците, и да им велат луѓето: ’учителе, учителе!‘“ (Матеј 23, 1–7).

            „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие“ (Матеј 23, 27–28).

            „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате Царството Небесно пред луѓето; оти, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезат“ (Матеј 23, 13).

            „Змии и породи аспидини, како ќе побегнете од пресудата за во пеколот?“ (Матеј 23, 33).

„Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата што е од Единиот Бог не ја барате?“ (Јован 5, 44).

            „Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажец и татко на лагата“ (Јован 8, 44).

            Да, тешко вам, и затоа што не разликувате пастирски однос кон државата, нацијата и партијата – преку кој се негува нивниот христијански идентитет, од односот на поистоветување со истите; и следствено, се лажете и себеси и доверените ви луѓе. Затоа што пастирскиот однос ја привлекува Божјата спасителна благодат и на вас, и на државата, и на нацијата, и сите заедно напредуваме, додека пак, односот на поистоветување го гуши христијанскиот идентитет, и следствено, ги руши и ги убива – и државата и нацијата, и заедно со нив пропаѓате.

            Христовите зборови за себе си ги напишав, макар што не знам зошто ни се обраќа во множина; Он си знае. Но, делот за пастирскиот и односот на поистоветување, за вас го напишав, оти гледам дека не го знаете.

Митрополит Струмички Наум