Сомнеж
 
 
 
 
 

Сомнеж (09.12.2017 12:56)

Во она време поучуваше Исус во една од синагогите во сабота. И ете, дојде една жена која беше опседната од дух на немоќта осумнаесет години; таа беше згрбавена и никако не можеше да се исправи; штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: „Жено, се ослободуваш од болеста своја”. И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бог. А старешината на синагогата, негодувајќи што ја излекува Исус во сабота, одговори и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во саботен ден!” Но Господ му одговори и рече: „Лицемере, не го одврзува ли секој од вас својот вол, или осле, од јаслите во сабота и не го води ли да го напои? А оваа ќерка Авраамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години, не требаше ли да се ослободи од тие врски во саботен ден?” И кога го зборуваше ова, сите што беа против Него се засрамија; а целиот народ се радуваше за сите славни дела, извршени од Него (Лука 13, 10–17).

            Демонските помисли на сомнеж и колебливост, што произлегуваат од самољубието и маловерието, како и стравот, несигурноста и безволноста што ги следат таквите помисли – го ослабуваат и изнемоштуваат духот во човекот, и го држат, врзан преку страстите, за овоземното и свиен, односно насочен кон него – како кон веќе „посигурна“ потпора.

            Нема понедостоен начин за човекот како икона Божја, повикан кон боговподобување, да ја изгуби својата боголикост (во секој поглед) и да ја промаши целта за која е предназначен, од насоченоста и сигурноста во минливото и пропадливото. Од оваа и ваква состојба само Богочовекот Исус Христос може да нѐ исцели.

            Главната разлика помеѓу крвоточивата жена и жената од денешното евангелско четиво е во нивниот однос кон Богочовекот. Првата има активен однос кон Христос, со сите сили се труди да се допре на вистински начин до Него, и покрај сите внатрешни и надворешни пречки; додека втората е пасивна во однос на Христос, иако нема надворешна пречка да дојде и да побара помош од Него, кога би имала вера.

            Значи, едно е да одиме во Црква редовно и само пасивно или формално и бесплодно да учествуваме во нејзиниот преобразителен живот – иако познати на сите; а друго е да одиме во Црква и активно, ама незабележливо за другите, да се обидеме вистински да се допреме до Богочовекот Христос, така што Он да почувствува како сила, што исцелува и преобразува, излегува од Него.

            Едно е активно, со сила да го добиеме Царството Небесно и Господ да нѐ прослави пред сите – иако тоа не сме го барале, а друго е Господ, поради крајно бедната состојба во која сме западнале, да се смилува, да нѐ повика и на очиглед на сите да нѐ исцели, и да ја покаже Својата сила и чудотворна моќ.

Митрополит Струмички Наум