Злото внатре во нас, самите нас нѐ разградува
 
 
 
 
 

Злото внатре во нас, самите нас нѐ разградува (14.10.2017 09:10)

Што има поедноставно од оваа заповед: „Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив?“ (Лука 6, 31). Зарем сакате некој да ви мисли лошо? Тогаш немојте ни вие да прифаќате лоши мисли за никого внатре во вашето срце! Зарем сакате некој да зборува лошо за вас, да ве нарече лажговци или крадци, или застрането неморални или теолошки неписмени? Тогаш немојте ни вие да ги озборувате, судите и осудувате своите ближни! Немојте ни за вистински случувања, а камоли за она што не се случило!!! Зарем сакате некој да ви направи нешто лошо? Тогаш немојте ни вие да правите никому ништо лошо.

Што има теоретски поедноставно од ова? Секако, во пракса треба да вложиме голем напор да ги исконтролираме своите мисли, зборови и дела; но, постепено и со помош на Божјата благодат ќе успееме. Никој не станал одеднаш светител, преподобен, туку со континуиран и долгогодишен напор во внимание над самиот себе при исполнувањето на заповедта за љубов кон своите ближни.

            Но, Господ нè опоменува во ова евангелие (види: Лука 6, 31–36) да не се залажуваме самите себе со „љубов од интерес“: „Ако ги милувате оние што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние што ги сакаат нив!“ (Лука 6, 32). Со ваква „љубов“ христијаните не можат квалитетно да се разликуваат од овој свет и да бидат подобни на својот Господ.

Она што нè прави вистински христијани, она што нè дели од овој свет, кој лежи во зло, и она што нè ослободува од гревот, ѓаволот и смртта е исполнувањето на заповедта Христова: „Туку, вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро и на заем давајте – без да очекувате ништо“ (Лука 6, 35).

            Во пракса ова значи да не одговараме на злото со зло. Ваквиот одговор би значел умножување на злото во нашиот живот и во светот. А демонот токму тоа го чека: да пронајде некое зло во нас за да нè извалка и за да го стави нашиот живот под негова контрола.

Значи, злото внатре во нас самите нас нѐ разградува, а не оној против кого е насочено. Ако на злото што ни го прават одговориме со добро, тогаш и себеси се заштитуваме од демонското влијание, а и на нашиот непријател му оставаме време, можност, па дури и сила за покајание... Да внимаваме кому му служиме! Не можеме истовремено да бидеме и слуги Божји и слуги демонски...

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум