„Ловци на луѓе“
 
 
 
 
 

„Ловци на луѓе“ (07.10.2017 09:56)

Зошто, деца, Богочовекот вели „ловци на луѓе“, а не, на пример, учители или водачи или нешто слично? Ве прашувам, затоа што ловците вообичаено ловат бесловесни животни, а за вистински лов на луѓе овде не може да стане збор. Господ Исус Христос, сепак, токму терминот „ловци“ го користи. Ајде да видиме зошто.

            Да не одиме толку далеку – од падот на прародителот Адам и фактот дека сме наследници на последиците од неговиот пад – тоа горедолу теоретски на сите ни е познато. Да тргнеме веднаш од она што ни е многу добро познато и што секојдневно го живееме.

            Да се запрашаме самите себе: дали сме носители на дарот на умно-срдечната молитва, односно дали нашиот ум може молитвено да престојува во нашето срце онолку колку што сакаме? Очигледно, не. Што е причината? Заробеноста на нашето срце од бесловесните страсти. И знаеме убаво дека, пред сè, тоа е бесловесната страст на славољубието, на високото мислење за самите себе; или, во најмала рака, фактот дека нашиот ум и разум го поставуваме за критериум на сè – она што, од наше ниво на душевна состојба и со знаењето на разумот што го имаме, ќе го заклучиме дека е така, тоа е за нас така и никако поинаку. Арно ама, ако не е така, не се запрашуваме за последиците од погрешниот заклучок по нашиот духовен развој. Во најдобар случај, еден ден ќе ги освестиме тие последици како затвореност на срцето за молитвата на умот внатре во него и како физичка болест. 

            Лекот го знаеме, а не го користиме. Тоа е апсолутно, слепо и целосрдечно послушание. Тоа е ставањето на нашиот ум преку послушанието во процес на исцеление.

            Ако ли, пак, за учениците Христови ова важи, тогаш што да речеме за оние што уште не поверувале? Односно, ако ние, кои сме свесни дека сме заробени од бесловесната страст и се бориме против неа, уште не можеме да се ослободиме, тогаш што ли се случува со оние кои ниту се свесни дека се заробени од бесловесните страсти, ниту се свесни дека се водени од нив во пропаст? Ова, особено кога знаеме дека водач, пак, на секоја бесловесна страст е злословесниот демон.   Дали сега ви е јасно, деца, зошто Богочовекот Христос им вели на светите апостоли Петар и Андреј дека ќе ги направи „ловци на луѓе“? Верувам дека ви е јасно.

            Но, никој не се раѓа како „ловец на луѓе“. „Ловец на луѓе“ се станува. А, се станува преку личен подвиг во Црквата и преку благодатта на Светиот Дух. Затоа и Христос вели: „Врвете по Мене, и Јас ќе ве направам ’ловци на луѓе‘!“ (Матеј 4, 19). Би сакал само уште малку да се задржиме на прашањето кои се карактеристиките на „ловецот на луѓе“, затоа што патот до тоа како се станува таков го знаете: со восогласување на нашиот живот и подвиг со нивото на духовниот развој на кое се наоѓаме.

            Како што бесловесното животно бега од ловецот така и луѓето заведени од бесловесните страсти демонот ги води далеку од Црквата и од духовните отци. И како што обичниот ловец треба да биде искусен за да го фати својот плен, така и „ловецот на луѓе“, односно духовниот отец треба да биде опитен за да ги приведе луѓето кон спасение. Духовниот отец треба најпрво своето срце да го очисти од страстите, да го добие дарот на умно-срдечната молитва и најмалку да достигне барем просветленост на умот, за да може оние што Светиот Дух ќе ги привлече кон Богочовекот Христос и Неговата Црква да ги води по патот на очистување на срцето и просветлување на умот. Оние кај кои ќе успее верата да им ја претвори во опит и во знаење, никогаш повеќе нема да ги изгуби.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум