Немам човек
 
 
 
 
 

Немам човек (06.05.2017 16:17)

Евангелското четиво од Неделата на раслабениот (види: Јован 5, 1–15) полно е со симболика, симболика која во историјата и во Литургијата на Црквата се исполнува и преточува во реалност, а која, исто така, тежнее и кон својот крај – кој е веќе дојден и уште не е.

Постои симболика на Светото Крштение: бањата Витезда во која луѓето оздравувале од каква било болест да боледувале, и колку и да била таа долготрајна и неизлечива. Постои симболика на возобновувањето на духовниот живот: „ангел Господов ја раздвижуваше водата“. Симболика на молитвениот однос на човекот кон Бог – што Го привлекува Бог: Исус, кога го виде како лежи и штом узна дека од многу години боледува, му одговара и го прашува дали сака да оздрави. Раслабениот човек нѐ симболизира сите нас, денес, кои сме духовно раслабени.

Најпотресната, за мене, е симболиката за исконскиот крик на човекот во потрага по урнек на вистински Човек и човечност, преточена во само двата збора на раслабениот: немам човек!, како и симболиката на вистинското послушание до рушење на преградите меѓу словото и Духот на словото – „А тој ден беше сабота. Поради тоа Јудејците му рекоа на исцелениот: ’Сабота е и не треба да ја земаш својата постелка!‘ Но тој им одговори: ’Оној што ме излекува, ми рече: Земи ја постелката своја и оди!‘“ Итн., итн.

Јас би се задржал, сега, на други две симболики, на симболиката на крајот на Стариот Завет и на симболиката на крајот на Новиот Завет. И двете симболики се сведуваат во само двата збора: немам човек.

За симболиката за крајот на Стариот Завет ни говори токму денешното евангелско четиво, каде што Синот Божји Исус Христос ни се појавува и како вистински Бог и како вистински Човек, како Богочовек – преку целиот Свој Домострој на нашето спасение. Овој свет Го отфрли и распна Христос, и со тоа самиот себе се осуди на Апокалипса. Но, да не заборавиме дека Богочовекот не можеше да се појави сѐ додека не се појави и Божјата Мајка – Богородица, како вистински обожен човек. 

За симболиката на крајот на Новиот Завет и за близината на остварувањето на вистината на Царството Небесно, преку Апокалипсата, ни говори светиот Апостол Павле: во последните денови ќе настанат времиња тешки. Затоа што луѓето ќе станат среброљупци, горди, хулители, неблагодарни, неправедни, непомирливи, клеветници, невоздржливи, непослушни, предавници, повеќе сластољупци отколку богољупци, наизглед побожни, а од силата на Бог се одрекле. И од нив одвратувај се! (види: 2. Тим. 3, 1–7).

Истото го потврдува и Богочовекот Христос во Своето Евангелие кога учениците Негови Го прашуваат: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе виде знакот за Твоето доаѓање и за свршетокот на светот?“ Тој им вели: „Ќе слушате боеви и гласови за војни. Гледајте да не се уплашите, оти сето тоа треба да биде; ама тоа уште не е крајот. Зашто ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; и на места ќе има глад, помор и потреси; а сето тоа е почеток на болките. Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име. Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат, и еден со друг ќе се мразат; многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина; и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе се олади“ (види: Матеј 24, 3–12).

            Зборовите оладувањето на љубовта се еднозначни со зборовите немам човек. Тоа ќе биде главна карактеристика на последните времиња, чии знаци и денес ги гледаме. Сепак, човек сè уште може да се најде.

            Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум