Радувајте се!
 
 
 
 
 

Радувајте се! (22.04.2017 15:00)

Според црковната логика на празнување, на непосредните учесници во главниот настан им се дава предимство во чествувањето во деновите што следуваат. Така, по истата логика, попрво требаше да се слави Недела на Богородица и на жените мироносици отколку Недела на свети апостол Тома. Најнормално, Богочовекот Христос прво им се јавува на Својата Мајка и на жените мироносици. Оние што најмногу сострадуваат со Него, најмногу и ќе се радуваат. Но Црквата, од свои педагошки причини, редот на чествувањето го променила. Како и јас сега.

Да се потсетиме: Богородица и Дева Марија – Христовата Мајка, и жените мироносици најверно, најпостојано, најнезабележително и најсмирено Му служат на Богочовекот Христос за време на Неговиот живот меѓу нас, луѓето. Оваа нивна љубовна посветеност доаѓа до израз, и во самото Евангелие, дури при Христовото страдање и смрт, откако речиси сите Негови ученици Го предаваат и напуштаат. И, иако се први благовесници на Христовото Воскресение, смирено примаат сомнеж и неверие за своето сведоштво, додека Самиот Христос не ги потврди за вистински сведоци – појавувајќи се истата вечер, по Воскресението, меѓу Апостолите.

Разликата во поздравот го потврдува кажаното: едно е некого да поздравиш со зборовите „радувајте се“, како Христос – Богородица и жените мироносици, а друго е да го поздравиш со зборовите „мир вам“, како Христос – Апостолите. Со „радувајте се“ се поздравуваат утврдените, а со „мир вам“ колебливите. Очигледно, Самиот Христос ги удостои со оваа чест, и тоа никој не може да им го одземе.

На што ме потсетува примерот на Богородица и жените мироносици?  

Сите знаеме дека на почетокот од нашиот православен духовен живот Божјата благодат отворено и јасно нè поткрепува во подвигот, и тогаш секој подвиг ни изгледа лесен. И сите се здобивме со опитот дека таа потоа се сокрива од нас, односно скриено нè поткрепува во подвигот, а нам сè ни изгледа многу тешко. Слично нешто се случува и на степенот на просветлување. Благодатта знае толку силно да се пројави од срцето и толку силно да го привлече умот кон себе, така што без оглед на тоа што човек прави или што се случува околу него, молитвата однатре да тече. И, благодатта знае толку многу да се скрие, што тогаш многу важни стануваат и некои надворешни услови и помошни методи за остварување на аскетската умно-срдечна молитва.

            Битно е за нас дека Господ ни ги дава овие периоди на сокривање на благодатта Божја за наше духовно растење и восовршување. Секојпат кога ќе го напуштиме подвигот во периодот кога благодатта се крие, ние постапуваме како наемници и трговци; и паѓаме. И обратно, секојпат кога ќе го продолжиме подвигот во периодот кога благодатта се крие, ние постапуваме како чеда Божји и само тогаш духовно растеме. Овие периоди, на почетокот од подвигот на првите два степени од духовниот развој, се пократки и почести. Ви говорам за она сокривање на благодатта што се случува за наше растење, а не за напуштањето на благодатта што се случува поради нашите гревови.

За да го достигнеме континуитетот во нашиот подвиг најмногу ни помага нашата волја и упорност. Значи, треба да се принудиме преку нашата цврсто пројавена волја да продолжиме со соодветниот подвиг и во периодот кога благодатта скриено дејствува во нас, без оглед на тоа колку време ќе трае тоа.

            Сакам уште нешто да ви кажам како утеха. Континуитетот на подвигот во подолг и исклучиво тежок период на сокривање на благодатта е знак дека преминот од еден на друг степен од духовниот раст е многу блиску, исто како и соодветниот дар што им следува на децата Божји – на вистинските и законити наследници на Преданието на нивниот Небесен Отец. Богородица, заедно со жените мироносици, најмногу и докрај сострадуваа под Крстот, но затоа и први ја слушнаа веста за Христовото воскресение и први Го допреа Воскреснатиот Богочовек Христос.

Поуката што може да се извлече од напишаното е дека ни е потребна смирена и љубовна постојаност во подвигот на следење на Богочовекот Христос, докрај – до последното место. Последното место е почеток и крај на овоземниот православен духовен живот.

Кога ме прашуваат духовните чеда да им кажам каде е местото на срцето, им одговарам кратко: тоа е последното место. Седни на последното место и срцето само се отвора за умно-срдечната молитва. Токму тоа последно место е скриениот подвиг на Богородица и жените мироносици, тоа е тајната на есхатолошкото свештенство.

            Пресвета Богородице, по молитвите на жените мироносици, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум