Лага
 
 
 
 
 

Лага (11.02.2017 21:02)

 

Во минатата беседа говоревме како демонот го користи нашиот личен внатрешен расцеп, нашата нецеловитост, нашата неисцеленост, односно го користи расцепот меѓу примарната функција на нашиот непросветлен ум, и неговата секундарна функција прехранетиот разум, и преку овој внатрешен умен расцеп успева кој било дел од целината на нашиот живот да ни го прикаже како целина, а истовремено успева да направи целината да ја превидиме. И, нормално, превидот е секогаш во согласност со нашите страсти.

Со други зборови, користејќи ја нашата внатрешна гревовна умствена поделба и расцепеност, демонот успева да направи и надворешните работи да ги гледаме поделени и спротивставени, да заземаме страна и да дејствуваме во насока на уште поголеми поделби и оддалечувања во секоја област од нашиот живот, како и, најстрашно, успева да направи поделби и меѓу нас самите. Минатиот пат посебно ги спомнавме поделбите во Црквата и црковното учење, и поделбата на луѓето преку политичките партии.

Не велиме дека не постојат различности; напротив, постојат и тие ја прават убавината на целината на нашиот живот. Но, демонот, преку расцепениот ум, различностите ни ги претставува како поделби, а поделбите ни ги претставува како закана, која предизвикува страв, а потоа и параноја. Различниот, по која било основа, не е дел од нас, тој е закана за нас, и затоа против него треба да преземеме и соодветни мерки на превенција. Ваквото демонско размислување и постапување е изворот на сите проблеми.

Но, што не знаат луѓето, а за чудо, забораваат и т.н. христијани, кои постапуваат на погоренаведениот начин? Ги забораваат Христовите зборови: „Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажец и татко на лагата“ (Јован 8, 44). Лагата е отсуство на Благодатта Божја и темнина во умот, додека вистината е присуство на Благодатта Божја и просветленост на умот.

Како што видовме, поделбите и непријателствата се дело на нашата умствена поделба и расцепеност, и дејствувањето на демонот внатре во нас, кој е татко на лагата и човекоубиец од почетокот. Со други зборови, поделбите и непријателствата се лага, и кој се наоѓа во оваа состојба, излажан е од демонот и е негов слуга, а истовремено, свесно или несвесно, и Божји непријател. Затоа и реков: „А некои од нас, иако се мислат Христијани, уште и острастено учествуваат во поделбите наместо да го вршат делото на Црквата – да ги исцелуваат поделбите. Затоа, и кога мислат дека се причестуваат – не се причестуваат, оти Христос е сѐ, Христос е целина, а не дел“.

Дали забележувате дека севкупниот модел на модерниот начин на живот успева да нѐ подели меѓусебно и да нѐ држи во некаква навивачка состојба, па дури и да нѐ прави меѓусебни непријатели врз основа на таа поделеност и навивачка состојба во која се наоѓаме – дури и за најситните работи од нашиот живот (да не ги наведувам). Луѓето се подготвени да се повредат со мисла, збор или на дело само затоа што навиваат за различни спортски клубови, а да не зборуваме за поделбите и навивањето кога се во прашање поголеми лични интереси – поделба и интерес какви што станаа политичките партии, на пример.

Кога еден човек ја прифаќа демонската лага наместо вистината, тој го прифаќа почетокот на својата смрт – духовна и физичка. Исто и еден народ. Таму каде што настапува лагата и поделбата, полека, но сигурно отстапува и благодатта Божја, отстапува вистината и вистинската вера, отстапуваат љубовта и надежта, отстапува храброста, отстапува светлината и настапува темнината. Тогаш луѓето се губат самите себе, го губат својот пород, го губат своето семејство и на крајот ја губат и својата земја на којашто живеат. И зошто? Поради една ситна лага, која ја прифатиле како вистина, а која преку соодветна лична суета и интерес, прераснала во голема лага.

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

                                                                                                                Митрополит Струмички Наум