Цело и дел
 
 
 
 
 

Цело и дел (04.02.2017 17:00)

Ајде да се потсетиме на еден наш текст од 17 септември 2016 година, кој секогаш ќе биде актуелен, за да продолжиме со истата тема, следниот пат, и малку поконкретно духовно.

Знаеме дека основна тактика на ѓаволот и на сите демони е тактиката – злобно раздели, па владеј познатото: dividе et impera. Природно однесување на Богочовекот Исус Христос е – љубовно обедини и служи. Така се однесува Црквата и така се однесуваат Христовите ученици. Препознатливи примери, и меѓу нас, за првото има. Примери за второто – ретки. Tесен е патот.

            Како демонот ја постигнува својата разорувачка цел? Демонот го користи нашиот личен внатрешен расцеп, нашата нецеловитост, нашата неисцеленост, односно расцепот меѓу примарната функција на нашиот непросветлениот ум и неговата секундарна функција прехранетиот разум, и преку овој внатрешен умен расцеп успева еден дел од целото да ни го прикаже како цело, а целото да направи да го превидиме. И нормално, превидот е во согласност со нашите страсти.

            Овој и ваков расцеп на двете функции на нашиот ум, во својата почетна фаза се нарекува прелест, односно лажна состојба на умот, а во својата завршна фаза – откако помислите што од него произлегуваат ќе ги прифатиме во срцето, се нарекува илузија. Тешко на човекот што живее во прелест или илузија, тој нема внатрешен мир.

            На пример, кога за еден човек донесуваме осудувачки заклучок, само врз основа на еден негов збор, или поглед, или најмал гест, или дело, или наше внатрешно непријатно чувство кон него или помисла, тогаш демонот успеал од еден негов неконстантен или имагинарен дел да произведе во нас константен целовит заклучок, суд, односно слика, што е секако прелест или илузија за конкретниот човек. Најчесто оваа илузија е проекција – сѐ што некој самиот го прави, обвинува друг дека го прави истото. Оваа прелест или илузија потоа го одредува целиот наш душевен пад и конечно го попречува нашиот премин од противприроден (религиозна невроза, растројство) во природен начин на живот.

            Исто е и со Светото Предание. Се иззема дел од целината на Преданието и од него се прави цело, т.е. теоретска или ерес во пракса; па макар тој дел, изваден од целиот контекст, да се нарекува типик, или правило, или соборност, или Евхаристија, или аскеза, или Спасител, или што било друго најсвето. Цело е Црквата, како Богочовечки организам, како Тело Христово – чија Глава е Господ Исус Христос, ама онаква како што се живее и спознава преку исцелениот, т.е. просветлен ум, а не преку прехранетиот – со теоретски знаења, невротичен разум.

            Истата тактика демонот ја користи во која било област од нашиот живот, посебно откако претходно ја одделил истата од целото – Црквата како Тело Христово: економската, здравствената, спортската, општествено-политичката, образовната, културната, научната итн. На пример, од целината на која било област го издвојува само делот профит и преку него нѐ принудува сите да ја живееме целата област. На тој начин која било од овие области почнува да функционира на наша штета. Да не наведувам конкретни примери, доволно сме паметни.

            Уште еден актуелен и очебиен пример е дејствувањето на политичките партии. Самото име партија произлегува од латинскиот збор pars, partis, што значи дел, а не цело. Секоја партија тежнее да стане цело. Останатите партии се борат против таквата тенденција и на крајот сите како цело се губитници. Треба пример? А некои од нас, иако се мислат Христијани, уште и острастено учествуваат во сето тоа, наместо да го вршат делото на Црквата – да ги исцелуваат поделбите. Затоа и кога се причестувате – не се причестувате, оти Христос е сѐ, Христос е цело, а не дел.

            Господи Исусе Христе, преку Богородица, исцели нѐ и спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум