Како да станеме богати
 
 
 
 
 

Како да станеме богати (17.12.2016 15:57)

Рече Господ во приказна: „На некој богат човек нивата му беше родила многу и мислеше во себе, велејќи: ’Што да направам? Немам во што да ги соберам плодовите свои‘. Па рече: ’Вака ќе направам: ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра, и ќе ѝ речам на душата своја: душо, имаш многу добра, приготвени за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!‘“ (Лука 12, 16–19).

Ова што го прочитавме во евангелското четиво за денот, начинот на кој богатиот размислува, е верен опис на менталното заболување – растројство на личноста, односно на начинот на кој размислува и дејствува еден социопат. Во неговите мисли и чувства нема место за оние што страдаат од немаштија и од други телесни и душевни страдања, туку само за себе, за своето его и за своето добро.

„Но, Бог му рече: ’Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе остане?‘ Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бог“ (Лука 12, 20–21). Бог ги дава најточните дијагнози, така што социопатот најточно го опишува како безумник. Но, како навистина да станеме бог(ати)?

Целиот наш живот е дар Божји. И сиромаштвото е дар Божји, кога сиромавиот со смирение и трпение Му благодари на Бог за него, и го препознава овој дар. И богатството е дар Божји, кога богатиот со смирение и трпение им служи на сиромасите со своето богатство, и на тој начин Му благодари на Бог за него и го препознава овој дар. Кога луѓето би ги препознавале даровите Божји и нивната смисла, и кога со смирение и благодарност би се однесувале кон нив, даровите Божји би служеле како средство за нивно соборно надградување и остварување на нашата заедница во Богочовекот Христос – која е нашиот најголем дар Божји – и би служеле како средство за наше духовно богатење и преобразување.

Гледаме дека Господ се поистоветува (дури и најмногу) со секој еден страдалник. Затоа, секогаш кога со своето богатство ќе му помогнеме на еден од овие најмали Христови браќа што страдаат, ние не собираме за себе, туку се богатиме во Бог. Со други зборови, само на тој начин можеме да Му благодариме на Бог, кога Неговите дарови повторно Нему Му ги принесуваме: „Твои дарови од Твоите, Тебе Ти ги принесуваме за сите и за сè“. Делотворниот однос на благодарењето од севкупниот наш живот соборно се исполнува со нашето редовно учество и причест во Светата Евхаристија (Благодарење) на Црквата Божја.

И свети Никола, чиј спомен ќе го чествуваме утре, бил богат, но истовремено милостив и дарежлив кон сиромашните – уште пред да стане епископ. Има една народна поговорка која вели дека не треба да го мразиме свети Никола поради попот Никола, но најточно е дека треба да го љубиме секој Никола и секој друг човек – без оглед кој е и што е, ако навистина го љубиме свети Никола – затоа што тој бил милостив и ги љубел сите. Впрочем, и поради тоа е свети Никола.

Така, никој не може да се нарече богат, односно подобен на Бог, без да ги збогатува и другите околу себе – пред сѐ, во духовна, но и во материјална смисла на зборот.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, а поради молитвите на свети Никола Мирликискиот Чудотворец, помилуј нѐ!

                                                                                                                          Митрополит Струмички Наум