Воведенски размислувања
 
 
 
 
 

Воведенски размислувања (03.12.2016 17:59)

Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни односи. Религиозниот човек размислува во рамките на првата категорија, а црковниот човек размислува и дејствува во откровението на втората категорија.

Догматиката е многу јасна: обожението на човековата природа во Синот Божји – Богочовекот Исус Христос, е основа на обожението на секој човек кој тоа го сака, во Црквата како Тело Негово – со учество во нејзините свети Тајни и Добродетели. Иако велиме дека во процесот на преображението и обожението нашата и Божјата природа заемно се проникнуваат, ние сепак знаеме дека проникнувањето бива од страна на Бог, Кој со Своите несоздадени енергии (благодат) ја проникнува и обожува човечката природа. Затоа Бог е единствениот наш Спасител и никој друг. Човек не може да спаси човек.

Во Догматиката нема ништо нејасно. Проблемот е во нејзиното разбирање на различен начин. Некој ја чита со затемнет ум (неверниот), некој со помисла дека има просветлен ум – иако нема умно-срдечна молитва (опрелестениот), некој со ум чија енергија е доволно очистена (оној што правилно го чисти срцето од страстите, во послушание), некој со доволно просветлена суштина и енергија на умот (просветлениот, кој е носител на дарот на аскетската умно-срдечна молитва), а некој со својот обожен ум.

Значи, нема никаков проблем во Догматиката на Црквата. Проблем е што луѓето заглавуваат во неправилното разбирање и во неправилниот подвиг да ја надминат поделбата меѓу Несоздаденото и создаденото, и тука остануваат заглавени. Не сфаќаат дека таа поделба е надмината со воплотувањето на Синот Божји и дека ние ја добиваме на дар преку правилниот подвиг во кој се случува нов личносен однос и дијалог помеѓу Бог и човекот, кој воопшто не е едностран – и човекот Го слуша Бог, но и Бог го слуша човекот. Секако, за ова да се сфати треба да се има жив опит од вистински личносен однос и со Бог и со ближниот.

Од воплотувањето на Синот Божји од Светиот Дух и Дева Марија па натаму, нашиот однос со Бог не го дефинира тоа што Тој е несоздаден Бог, а ние создадени луѓе, туку го дефинира фактот дека Тој е нашиот Небесен Отец, а ние сме Негови чеда и браќа на Богочовекот Христос – по благодат. Така и односот помеѓу Христос и Богородица не ги дефинира тоа што Тој е Бог, а Таа човек, туку тоа што Таа е Негова Мајка, а Тој Нејзин Син. Христос може да биде стопати Бог, а Марија може да е стопати обичен човек, и тоа сега нам веќе не ни е битно. Но, суштински ни е битно што Таа Му е Мајка, а Христос Нејзин Син, и што  ние сме Негови браќа и Нејзини чеда по благодат; како и фактот што Мајката се почитува и слуша исто колку и Отецот.

Затоа, кога велиме „Пресвета Богородице, спаси нѐ“, ние не мислиме дека Таа нѐ спасува од Себе, поради Нејзината совршено обожена природа или затоа што Таа е некаква Божица, туку поради Нејзината позиција – како Божја Мајка, Која има Син што Ѝ е послушен; поради Нејзиниот однос кон Бог и поради односот на Бог кон Неа.

Но, зошто дури и во ваква беседа ја спомнувам умно-срдечната молитва? Затоа што ако ја имавме, ќе знаевме дека таа е Нејзино откровение и дар – кој од Нејзе се измолува, а тајната на новите личносни односи, која ја надминува поделбата меѓу Несоздаденото и создаденото, ќе ни беше јасно откриена.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум