„И да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“
 
 
 
 
 

„И да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“ (19.11.2016 18:04)

Светото Евангелие не им се обраќа само на децата Божји, туку и на оние со робовски и наемнички менталитет, како и на неверниците, само да се спасат што е можно повеќе луѓе; а може на некои и ќе им текне дека најсоодветен одговор на љубовта Божја е да се стане дете Божјо. Затоа во него може да се прочитаат и поуки како денешната.

Гледаме дека богатиот нема име, а сиромавиот има – Лазар, односно гледаме дека  првиот нема личносен однос со Бог, а вториот има. Гледаме дека преку себичните уживања од  овој свет се стигнува до пеколот, а дека преку трпењето на страдањата со благодарност се стигнува до Рајот. Гледаме дека пеколот е место на големо и осамено страдање, а дека Рајот е место на голема утеха и заедница. И гледаме дека нема премин од пеколот кон рајот, и обратно. Додуша, ни разговор не би требало да има – ни во самиот пекол, ама ова е доволна педагошка порака, како материјал за размислување и мотивација за неверните, робовите и за наемниците.

Што е битно за оние што сакаат да станат деца Божји од денешното евангелско четиво (види: Лука 16, 19–31)? Објаснувањето на овој дел: Авраам му рече: „Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“.

Чујте го објаснувањето:

Како прво, добивањето на статус на дете Божјо не е магиски чин, туку тоа е процес на растење и созревање. Овој заклучок произлегува од завршниот разговор помеѓу Авраам и богатиот. Богатиот му вели на Авраам: „ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат“. А Авраам му одговара: „и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“. Сведоци сме дека и Самиот Богочовек Воскресна, па ретко кој во тоа вистински верува.

Второ, самиот Авраам ни го открива восиновувањето како процес на растење и созревање  преку послушание – дека треба да се слушаат Мојсеј и Пророците: „Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“. Што конкретно значи тоа „да се слушаат Пророците“? И кои се тие Пророци денес?

Денешните Пророци се нашите духовни отци во Црквата, кои слободно и љубовно ги одбираме за преку нив да ја чуеме Божјата волја, кои и кога поради своите човечки слабости би дале и погрешен совет, Бог – поради нашата доверба во Него преку нив, сѐ на крајот ќе исправи во наша духовна полза.

Послушанието е подвиг на ставање на умот во процес на исцеление, без што никој не може да го очисти своето срце – и да Го види Бог. Послушанието е премин од противприроден во природен начин на живот. Послушанието е восогласување на начинот на нашиот живот со степенот од духовниот раст на кој се наоѓаме, како и со местото и улогата што ги имаме во Црквата и во општествениот живот. Послушанието е процес на исцеление од невроза и од растројство на личноста, и превенција од религиозна невроза и од религиозно растројство на личноста.

Послушанието е активирање на примарната функција на умот – соединување на нашата создадена енергија со несоздадената Божја енергија преку молитвата, како и пренасочување на неговата секундарна функција кон исполнување на Божјите заповеди. Послушанието е прием на вистинското Предание на Светите отци. Послушанието е останување во рамките на соборноста на Православната Црква – без оглед на тоа кој што си мисли. Послушанието е процес на Божествено преобразување, растење и созревање до достоинството на дете Божјо. Послушанието е сѐ во Црквата Божја. Послушанието е возможно само во Црквата Божја.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, дај ни што повистинско послушание и помилуј нѐ!   

Митрополит Струмички Наум