Злото внатре во нас самите нè разградува
 
 
 
 
 

Злото внатре во нас самите нè разградува (29.10.2016 18:02)

Рече Господ: „Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив. Љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте – не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша, и ќе бидете синови на Севишниот; зашто и Он е добар кон неблагодарните и кон лошите“ (види: Лука 6, 31–36). Оваа заповед се однесува, пред сѐ, за сферата на личните односи. Има и сфера на црковно-соборни односи, каде што се бара и малку повеќе расудување.

            Толкувајќи го денешното евангелско четиво, би сакал да ги нагласам, од една страна, теоретската едноставност на христијанскиот подвиг и живот, онака како што е запишан во Светото Евангелие, а од друга страна – потребата од личен и конкретен подвиг и напор во остварувањето на евангелските заповеди Христови.

            Зашто што има поедноставно од оваа заповед: „Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив?“ Зарем сакате некој да ви мисли лошо? Тогаш немојте ни вие да прифаќате лоши помисли за никого внатре во вашето срце! Зарем сакате некој да зборува лошо за вас, да ве нарече лажговци или крадци на црковни пари, или неморални, или теолошки неписмени? Тогаш немојте ни вие да ги озборувате, судите и осудувате своите ближни! Немојте ни за вистински случувања, а камоли за она што не се случило!!! Зарем сакате некој да ви направи нешто лошо? Тогаш немојте ни вие да правите никому ништо лошо.

Но има и ситуација од поширок црковен контекст, при што едно е нашиот личносен однос, а друго кога мора да се преземат одредени мерки заради воспоставување на канонскиот ред и поредок во Црквата. И ова се случува во Црквата, но тоа е прашање на расудување за доброто на Црквата – согласно економијата или акривијата на каноните, а не заради барање лична правда, односно враќање на злото со зло – и се нарекува педагошка мерка.   

            Што има теоретски поедноставно од ова – да постапуваме со луѓето како што сакаме и тие да постапуваат со нас? Се подразбира дека во пракса треба да вложиме голем напор да ги исконтролираме своите мисли, зборови и дела; но, постепено, со континуиран подвиг и со помош на Божјата благодат ќе успееме. Никој не станал одеднаш светител, преподобен, туку со континуиран и долгогодишен напор во внимание над самиот себе при исполнувањето на заповедта за љубов кон своите ближни. Но, секако, не треба за тоа да ни се малку и педесет години труд. Тоа е подвиг што треба, барем аскетски, да се заокружи уште во нашата младост.

            Но, Господ нè опоменува во ова евангелие да не се залажуваме самите себе со „љубов“ од интерес: „Ако ги милувате оние што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние што ги сакаат нив!“ Со ваква „љубов“ христијаните не можат квалитетно да се разликуваат од овој свет и да бидат подобни на својот Господ. Она што нè прави вистински христијани, она што нè дели од овој свет, кој лежи во зло, и она што нè ослободува од гревот, ѓаволот и смртта е исполнувањето на заповедта Христова: „Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро и на заем давајте – без да очекувате ништо“.

            Во пракса ова значи да не одговараме на злото со зло. Ваквиот одговор би значел умножување на злото во нашиот живот и во светот. А демонот токму тоа го чека: да останеме без благодатта Божја, да пронајде некоја непреобразена страст во нас за да нè извалка преку неа и за да го стави нашиот живот под негова контрола. Значи, злото внатре во нас самите нас нè разградува, а не оној против кого е насочено. Ако на злото кое што ни го прават одговориме со добро, тогаш и благодатта Божја ќе ја задржиме во нас и себеси се заштитуваме од демонското влијание, а и на нашиот „непријател“ му оставаме време, можност, па дури и сила за покајание. Да внимаваме кому служиме! Не можеме истовремено да бидеме и слуги Божји и слуги демонски!

            Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум