Ловци на луѓе
 
 
 
 
 

Ловци на луѓе (22.10.2016 16:37)

Зошто во денешното евангелско четиво (види: Лука 5, 1–11) Богочовекот вели дека Своите ученици ќе ги направи  „ловци на луѓе“, а не, на пример, нивни учители, водачи или нешто слично? Ајде да видиме зошто.

            Да почнеме најпрвин од самите себе, како што е духовниот ред, и да се запрашаме: дали сме носители на дарот на умно-срдечната молитва, односно дали нашиот ум може молитвено да престојува во нашето срце и дали таму се просветлува? Очигледно, не. Што е причината? Причината е заробеноста на нашето срце од бесловесните страсти. И знаеме убаво дека, пред сè, тоа е бесловесната страст на славољубието, на високото мислење за самите себе, односно фактот дека нашиот острастен разум (без оглед на нивото на нашата интелигенција) го поставуваме за врвен критериум на сè она што го перципираме околу нас и врз основа на него донесуваме заклучоци.

Посебно, проблемот се состои во тоа што ако стварноста е сосема поинаква од тоа што ние си мислиме, не се ни запрашуваме за негативните последици од погрешните заклучоци по нашиот духовен развој. Во најдобар случај, еден ден ќе ги освестиме тие последици како затвореност на срцето за молитва на умот внатре во него. Лекот го знаеме, а не го користиме. Тоа е восогласување на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, односно тоа е целосрдечното послушание.

Сега, ако ние кои сме свесни дека сме заробени од бесловесната страст на високоумието и се бориме против неа, а сѐ уште не можеме да се ослободиме, тогаш што ли се случува со оние кои ниту се свесни дека се заробени од бесловесните страсти, ниту се свесни дека се водени преку нив во пропаст? Посебно, пак, кога знаеме дека водач на секоја бесловесна страст е злословесниот демон. Затоа и гледаме дека како што бесловесното животно бега од ловецот така и луѓето, заведени од бесловесните страсти, демонот ги води далеку од Црквата и од духовните отци. И затоа, како што обичниот ловец треба да биде искусен за да го фати својот плен така и ловецот на луѓе, односно духовниот отец треба да биде опитен за да ги приведе луѓето кон спасение. Духовниот отец е всушност сведок Христов, а  истерувач на демони; и затоа ловец на луѓе – заробеници на демоните.

            Духовен отец може да се нарече само човек кој со помош на Божјата благодат се подготвил за тоа и е повикан за тоа. Човек кој го просветлил својот ум молитвено во срцето, човек со слово што извира од неговото очистено срце и кое допира до длабочината на срцето на ближниот, човек со присуство во силата на благодатта Божја. Во негово присуство страстите се парализираат, демонот бега далеку, а неговото слово внесува светлина, сила и надеж во срцето на другиот човек.

Но, и кога човекот ќе се оддалечи физички од духовниот отец и кога страста повторно ќе живне, и кога демонот повторно ќе се врати, тој не е оставен сам. Духовниот отец со молитвата во своето срце, во доволна мера, ги одржува светлината, силата и надежта, односно духовното семе што го посеал во срцето на својот ближен, така што семето во содејство со слободната волја на оној во кој е посеано и со помош на благодатта на Светиот Дух може да изрти, да порасне и да донесе плод – ослободување на срцето од страстите и демонското влијание.

            Да запомниме: злословесниот демон од другите можеме да го истераме само ако претходно сме го истерале од себе. Ако не допреме до своето срце, преку умно-срдечната молитва, не можеме да допреме ни до срцето на другиот. Јасно ли ни е сега зошто немаме успех во проповедта, и зошто кога некој и ќе ни пристапи го правиме сличен на нас или и полош од нас самите, а не сличен на Христос? И зошто ги одбиваме луѓето од Богочовекот Христос, наместо да ги придобиеме за Него и за нивно спасение­­?

            Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!  

Митрополит Струмички Наум