Појаснување на послушанието во Црквата
 
 
 
 
 

Појаснување на послушанието во Црквата (15.10.2016 17:11)

Светото Предание што ни го предадоа Светите Отци на Црквата е идеалот кон кој треба да се стремиме. Не е возможен обидот тој идеал да го релативизираме и да го прилагодиме кон нашите слабости и страсти без притоа да не претрпиме негативни последици по нашиот духовен развој или негово потполно оневозможување.

Еден од идеалите на Преданието е подвигот на послушанието во Црквата. Без овој подвиг нема премин од противприроден во природен начин на живот. Ќе се обидам да ви расветлам неколку недоумици во врска со овој идеал, кои се производ на нашиот внатрешен дуализам, на непремостената разлика меѓу примарната и секундарната функција на умот, на нашата непросветленост, како и на нашиот комформизам и компромисот со овој свет.

Прва и најчеста недоумица е: треба ли послушанието да е слепо и апсолутно, или треба да е свесно и со расудување? Наједноставно кажано, во послушание се влегува со почетна  свесност и расудување, а самото послушание се извршува слепо и апсолутно – според силите, смирено. Свесноста и расудувањето ни се потребни и потоа, но само за самопроверка – дали послушанието го извршуваме правилно и дали ни е во согласност со Божјите заповеди и со православната вера. И во овој подвиг се расте постепено – колку повеќе ќе ни се преобрази умот, толку повеќе ќе имаме свесност и расудување за исправноста на нашето послушание. За да го опфатам сето погоре наведено, последните години го користам терминот целосрдечно послушание.

Логиката на послушанието е токму во тоа – да се откажеме од нашата падната логика, т.е. расудување согласно нашите страсти. Вистинското расудување е голем духовен дар; ако го имавме, што ќе ни е послушание? Постои една демонска замка во Црквата да влеземе такви какви што сме – без преумување (покајание), односно без послушание; затоа и се случува од обична да преминеме само во религиозна невроза, а не во природен начин на живот. Со подвигот на послушанието се добива време и сила да се активира примарната функција на умот, додека секундарната функција на умот во потполност се активира во извршувањето на Божјата волја, во Божја слава – токму во ова се состои преминот од противприроден во природен начин на живот.   

Втора недоумица е: дали има разлика меѓу монашкото и послушанието на обичните верници? Ако ни се јасни суштината и целта на подвигот послушание, и оваа недоумица ќе отпадне. Суштината, како што знаеме, е ставањето на умот во процес на исцеление. Видливо се преобразува, односно се чисти од влијанието на страстите, енергијата на умот, а истовремено и тајно и неговата суштина во срцето. Подвигот на послушанието кон духовниот отец трае сѐ до отворањето на срцето за соединување на енергијата на умот со својата суштина, односно до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва – тоа е целта. Потоа се случува нов квалитет на однос меѓу духовното чедо и духовниот отец, кој нема ништо заедничко со претходниот однос на послушание. Духовното чедо не смее да се насочува кон конечен однос на потчинетост, туку перспективата на духовото растење и новиот квалитет на односи мора веднаш да му биде откриена, за да води подвиг во познание и да знае кон што да се стреми.

Уште збор-два за целта. Со дарот на умно-срдечната молитва започнува и процесот на поинтензивно преобразување и на суштината и на енергијата на умот, кој Светите Отци го нарекле и просветлување – што е единствен основ за непрелестно расудување. Дарот на умно-срдечната молитва значи и надминување на дуализмот, односно премостување на примарната и секундарната функција на умот, така што сѐ што правиме станува молитва, а секоја молитва станува дело – веднаш или во време кога Божјата Промисла ќе одреди. Дарот на умно-срдечната молитва значи и исцеление на умот. Значи, ако суштината и целта на подвигот се исти и за едните и за другите, тогаш јас не гледам во што би била разликата меѓу монашкото и послушанието на оние што живеат во светот.

Трета недоумица е како да пронајдеме духовен отец? Од една страна, гледаме дека Богочовекот Христос непослушанието кон свештенството го изедначува со одрекување од Него и Неговиот Отец (види: Лука 10, 16). Од друга страна, неподготвеноста на голем дел од свештенството за опитно духовно раководство како да ни дава основа за самооправдување − да не ја послушаме оваа заповед. Исто така, ваквата состојба, во содејство со нашата болна состојба, нѐ наведува на уште една збунетост: хиерархиски и административно да мораме надворешно да го слушаме свештенството, а внатрешно постојано да го осудуваме.

Накратко ќе ви објаснам за што се работи: Бог ниту постави вечни и свети луѓе (апостоли, епископи, старци и духовници), ниту секогаш и секаде можеме да ги најдеме таквите (напротив – ретки се) кои духовно ќе нѐ раководат овде – во овој свет и век, туку Бог,  преку Својот единороден Син Богочовекот Исус Христос во Светиот Дух, ни даде сила и ни остави и постави вечни критериуми според кои самите ќе можеме да се раководиме. Еден од тие основни критериуми е и послушанието кон духовниот отец на почетокот од православниот духовен живот сѐ до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва.

Што конкретно значи ова? Прво, значи дека подвигот на послушание не смее да се прескокне, освен во случај на маченичко страдање. И второ, значи дека нашиот подвиг да стапиме во единство и личносна заедница со Бог е личен и независен од кој било човек, освен од самите нас. Односно, ако духовниот отец е свет, тоа е многу добро, но ако не можеме да најдеме таков, тогаш ќе го одбереме оној на кој сме насочени од самата Божја Промисла (на пример, тоа може да биде и парохискиот свештеник). Согласно Светите Отци, ако правилно го извршуваме подвигот на послушанието, дури и погрешните поуки на духовниот отец Бог ќе ги претвори во наша корист и нема никогаш да нѐ изневери. Тешко нам ако Преданието на духовниот живот во Православната Црква зависеше само од светоста на свештенството – Апокалипсата ќе беше одамна завршена. Послушанието не подразбира чинење грев и прифаќање ерес.

Очигледно, на овој начин Бог апсолутно ја сочувува нашата лична слобода, односно Неговиот лик во нас, а со тоа апсолутно ја сочувува и неусловеноста на нашата љубов и личен однос со Него. Така, целата одговорност за нашиот љубовен однос кон Него Бог ни ја препушта нам, со што не ни остава ни најмал простор за самооправдување.

Четврта недоумица е што е тоа болно, а што здраво поврзување со духовниот отец? Прво, и пред сѐ, вистинскиот духовен отец инсистира да не се врзуваме за ништо друго, дури ни за него самиот, освен за неговиот збор и за Христос. Ние сме само Христови и само заради Христос слободно сме прифатиле подвиг на привремено послушание сѐ до нашето исцеление; и само за Него се приврзуваме. Нашата острастеност постојано ќе нѐ влече душевно да се приврзуваме кон духовниот отец, а таквото поврзување е многу очигледно, иако донекаде и неизбежно. Значи, не смееме да се врзуваме душевно (телесно) за духовниот отец, туку само за неговото слово. Разликата меѓу овие две врзувања е како разликата меѓу прелеста и вистината. Вистински духовен однос со духовниот отец се остварува дури на крајот од подвигот послушание, со просветлувањето, не пред тоа.

            Господи Исусе Христе, преку Богородица, дарувај ни вистинско послушание и помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум