Двоедна заповед
 
 
 
 
 

Двоедна заповед (01.10.2016 18:19)

Во денешното евангелско четиво (види: Матеј 22, 35–46) постојат два навидум посебни дела. Првиот дел е оној во кој Христос говори за двете најголеми заповеди: првата „возљуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, и со сиот свој разум“; и втората – „возљуби го својот ближен како себеси“. Овие две заповеди ја даваат аскетско-исихастичката основа на која се крепи целокупниот православен духовен живот во Христос. Еве и зошто:

Најбитно е енергијата на нашиот ум да ја насочиме кон Едниот Вистински Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух. Ако не ја насочиме кон Бог, тогаш речиси сигурно, без оглед на намерата, ја насочуваме кон демоните или кон останатата словесна и бесловесна твар. Така, секој нека се преиспита и нека си одлучи со кого ќе влезе во комуникација преку насочувањето на енергијата на својот ум – со создадената словесна и бесловесна твар или со несоздадената енергија Божја. Последиците се апсолутно различни. Со претходно опишаното дејствие може да се исполни првата Божја заповед: „Возљуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, и со сиот свој разум”.

            Ништо помалку битно е истата енергија и при секундарната функција на умот – како разум, да биде правилно насочена. Сите сме поставени пред следниот избор: дали ќе ја насочиме кон исполнување на Божјите заповеди или ќе ја насочиме кон задоволување на нашите страсти. Навидум едноставен е и вториов избор, но во суштина зависен е од првиот. Со претходно опишаното дејствие може да се исполни втората Божја заповед: „Возљуби го својот ближен како себеси”.

Битно е да запамтиме дека: колку повеќе преку исполнување на заповедите Го познаваме Бог, толку попрецизно и посилно ја насочуваме енергијата на нашиот ум кон Него. И обратно. Едната без другата заповед е невозможно да се исполнат.

            А што се однесува до вториот дел, во него Христос ги запрашува фарисеите, како може ако е Христос Син Давидов, како што и тие самите тврдат, Давид да Го нарекува Господ? Со ова Самиот Христос им укажува дека Синот Божји е и Син Човечки, односно дека се воплотил и станал Богочовек, и  дека како таков ги исполнил и двете заповеди, па од тој момент тие две најголеми заповеди веќе не се слични, туку се еден и ист подвиг. Освен тоа што ги исполнил овие заповеди, Тој уште и рекол: „Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле” (Матеј 25, 40), со што уште еднаш покажува и потврдува дека – да се љуби ближниот како себеси е исто што и да се љуби Бог со сето срце, душа и разум.

Заповедта за љубов кон ближните не ги исклучува ни непријателите; напротив, љубовта кон непријателите е единствената прецизна мерка и критериум за љубовта кон Бог и кон секој човек (види: Матеј 5, 44). Со други зборови, колку го љубиме оној што ни прави зло, толку ги љубиме и Бог и својот ближен ни помалку, ни повеќе. Да не се лажеме себеси... Оној кој ја има љубовта како дар на благодатта на Светиот Дух не може истовремено и да мрази. Нема тука место за обичните човечки чувства, каде што некого љубиме, а некого мразиме. Затоа и ви велам, целта на демонот е во ближниот да гледаме непријател, да вратиме на злото со зло и да останеме без благодатта на Светиот Дух; а притоа, уште да мислиме и дека сме побожни и дека на Бог Му принесуваме жртва.  

            Господи Исусе Христе, преку Богородица и свети Климент, помилуј нѐ!

 

Митрополит Струмички Наум