Го сведочиме ли Крстот Христов или само својот крст?
 
 
 
 
 

Го сведочиме ли Крстот Христов или само својот крст? (26.09.2016 19:23)

Сите имаме свој крст, но прашањето е: дали нашето страдање Бог го прима како учество во Крстот Христов или тоа е само обично, очајно и бесмислено човечко страдање? Односно, дали нашето страдање е сведоштво на Крстот Христов во овој свет или тоа страдање е празно самопромовирање и суета? И, дали од тоа страдање ја црпиме несоздадената енергија на Преобразувањето и Воскресението, или само предвкусот на смртта? Вистинско почитување и поклонување на Крстот значи вистинско сведоштво на Крстот Христов.

Што навистина значи вистинско сведоштво на Крстот Христов? Да се потсетиме според тежиштето на подвигот:

На првиот степен од духовниот развој во Црквата – очистување на срцето од страстите, вистинско сведоштво на Крстот Христов е ставањето на умот во процес на исцеление преку послушание кон духовен отец. Без ставање на словесната сила на душата во процес на исцеление, невозможно е очистување на срцето од страстите. Од умот почнал падот, од него почнува и исцелението. На овој степен, демонот има Божјо допуштение да напаѓа само однатре, преку страстите на кои човек е подложен или од кои е заробен, а никако преку луѓе. Подвижникот има сила да го носи само својот Крст, но не и крстот на ближните. Но, затоа има и доволно благодат да не им причинува страдања на ближните.  

На степенот на просветлување на суштината на умот, потврден од умно-срдечната молитва, вистинско сведоштво на Крстот Христов е подвигот на љубов кон сите луѓе – и кон непријателите, како и задржувањето на умот, колку што е можно повеќе, во аскетски молитвен подвиг за спасение на светот, внатре во местото на срцето – таму каде што благодатта на Крштението се открива. Демонот е оневозможен да напаѓа однатре преку страстите и затоа тој напаѓа однадвор, преку луѓето под негово влијание, со цел да го спречи овој внатрешен подвиг.

Оној што е на овој степен веќе може да го носи крстот и на ближните, односно крстот на ближните и неговиот се слеваат во еден и ист Крст. Со други зборови, неговиот Крст се поистоветува со крстот на сите оние за коишто се моли – нудејќи ги пред Бог дури и своето здравје и својот живот заради нивно исцеление и спасение, како и со крстот на оние што неправедно го повредуваат и мразат. Таквиот, и покрај сѐ, никому не завидува, никого не повредува, не озборува, не осудува, не може да мрази...   

            Зошто неговиот Крст се поистоветува и со крстот на неговите непријатели? Токму затоа што на злото од непријателот одговора со Христовата љубов. Љубов што на непријателот му овозможува време и услови за покајание. Љубов што внимава да отстрани од своето срце секаква суптилна демонска желба духовниот закон да подејствува – та на оној што му направил зло да му се случи некое зло. Љубов што ја чува благодатта Божја во своето срце. Љубов што прави многу крстови да се поистоветуваат, но долго време да ги носи само тој што ја има. Таквиот нечујно го носи Крстот скриен во своето срце и таинствено ги привлекува и штити сите за коишто се моли.

            Оној што е на степенот на обожение во потполност го сведочи Христовиот Крст. Што тоа поточно значи, ќе видат оддалеку оние што ќе дојдат до просветлување на умот.

            Само преку сведоштво на Крстот Христов, односно преку сведоштво на Богочовекот Христос, дејствува Тајната на спасението во овој свет. Ние христијаните единствено со своето сведоштво на Крстот Христов им овозможуваме на луѓето од светот да се покајат и да посакаат да се спасат – без коешто ни Бог не би можел да ги спаси. Ние, како Црква, но и секој од нас поединечно, сме Христос продолжен низ сите векови.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум