Светите Oтци за трите степени на молитвата (втор дел)
 
 
 
 
 

Светите Oтци за трите степени на молитвата (втор дел) (20.08.2016 18:47)

Пред да го изложиме учењето за трите степени на молитвата на светогорските отци од 20 век, да го чуеме прво свeти Дијадох Фотикиски како подвигот на молитвата го базира врз живот на исполнување на заповедите Божји во Црквата: „Благодатта ја крие својата присутност во оној што е крстен, чекајќи душата да ја посака. Кога, пак, целиот човек наполно ќе се сврти кон Бог, тогаш во неискажливо доживување благодатта открива дека е присутна во срцето. (...) Ако човекот почне да напредува држејќи се до заповедите и неуморно повикувајќи го името на Господ Исус Христос, тогаш се разгорува огнот на божествената благодат...“

Учењето за вежбањето во умната и умно-срдечната молитва на светогорските отци ќе ви го претставам преку една личност – светиот Старец Јосиф Исихаст (1898 – 1959), непосредниот возобновител на светогорското исихастичко монаштво во 20 век, а посредно – преку некои од своите ученици, и многу пошироко од границите на Света Гора.

„Практиката на Исусовата молитва е да се присилуваш себеси да ја кажуваш молитвата гласно и непрекинато. На почетокот настојувај брзо, за да не стигне умот до состојба и помисла што расејува. Восредоточи се само на зборовите ’Господи Исусе Христе, помилуј ме‘. По извесно време се свикнува и умот, така што сам ја кажува молитвата [прв степен – умна молитва]. Кога умот ќе се навикне, кога ќе се насити и кога ќе ја научи, ја испраќа молитвата во срцето [втор степен – аскетска умно-срдечна молитва], бидејќи умот е хранител на душата и сè добро или лошо што ќе види или слушне го внесува во срцето, каде што се наоѓа центарот на духовните и телесните сили на човекот, каде што е престолот на умот.“

Еве уште еден цитат од него каде што, ако читате внимателно, јасно се распознава определувањето на трите степени од духовниот развој, соодветната благодат што им содејствува, како и различниот квалитет на молитва по кој се разграничуваат тие степени:

„Духовната состојба се разделува на три степени и соодветно на тоа дејствува и благодатта кај човекот. Првата состојба се нарекува очистителна, која го чисти човекот. Неа ти сега ја имаш и се нарекува благодат очистителна. Таа го води човекот кон покајание. Секоја усрдност, желба за духовен живот се должи на таа благодат. (...) Оваа благодат, кога се подвизуваш, останува кај тебе неколку години. А ако човекот напредува преку умната молитва, добива друга благодат, многу поразлична“.

„Првата, како што рековме, се нарекува чувство – енергија, и таа е очистителна, бидејќи оној што се моли чувствува Божествено движење – енергија, внатре во себе. А другата се нарекува просветлувачка. Со неа се добива светлина на познанието, се воздигнува човекот кон созерцание на Бог. Не светла, не фантазии, не слики, туку бистрина на умот, чистота на помислите, длабочина на значенијата. За да се појави оваа состојба оној што се моли треба да има тишина, мир и непрелестен патеводител. И третата состојба, осенувањето на благодатта, следува по сè ова. Благодатта што восовршува е голем дар.“

Разликата меѓу вториот и третиот степен на молитва е во тоа што на вториот степен ние самите, со свој молитвен напор, треба да го задржиме умот во срцето и во Бог – аскетска умно-срдечна молитва, додека на третиот степен тоа го прави самата восовршувачка благодат Божја – непрестајна, односно благодатна умно-срдечна молитва.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, и прими нѐ и помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум