Светите Отци за трите степени на духовниот развој
 
 
 
 
 

Светите Отци за трите степени на духовниот развој (06.08.2016 20:06)

Многу е битно да знаеме дека постои одреден Божествен ред и хармонија во духовниот живот, посебно што светоотечкото Предание тоа недвосмислено и прецизно ни го открива. Ако ова свето Предание го игнорираме, тогаш нашиот душевен живот може да биде само имитација или импровизација на некаков духовен живот каков што ние самите си го замислуваме, односно некој вид религиозна невроза или религиозно растројство на личноста. Нормално, треба да внимаваме, на крај, да не испаднеме и богоборци.

Светите Отци на Црквата, во својот духовен подвиг забележале три нивоа или стадиуми, или степени на духовниот развој, предавајќи ни ги како свој духовен опит: чистење на срцето од страстите, просветлување на умот и обожение (боговподобување). Можат да се сретнат и други називи за овие степени.

Во теологијата на свети Максим Исповедник овие три степени се претставени како: практична философија, природно созерцание и мистично богословие.

Кај свети Исак Сирин трите степени ги пронаоѓаме именувани како: покајание, чистота и совршенство.

Во своите списи свети Дионисиј Ареопагит ги опишува трите степени на духовниот живот како: очистување, просветлување и совршенство.

Свети Никита Ститат вели дека постојат три степени во напредувањето кон совршенството: почетна состојба на очистување, преодна состојба на просветлување, мистична состојба на совршенство. Итн., итн., слично и кај други Свети Отци.

Но, ова учење за трите степени го среќаваме и посредно објаснето. Овојпат, на пример, ќе видиме како Отците го поврзуваат со свештеничките чинови. Обрнете внимание и на сличната терминологија што ја користат при објаснувањето.

Свети Максим Исповедник ги поврзува трите стадиуми на духовниот живот со трите степени на свештенството. Тој пишува:

„Делото на ѓаконот го врши оној што го вежба својот ум за свештени подвизи и ги изгонува од себе страсните помисли, а делото на презвитерот – оној што го просветлува својот ум во познание на создадените битија и со тоа го уништува лажнонареченото знаење; додека, пак, делото на Епископот го има оној што го восовршува својот ум со светиот мир на познанието на обожуваната и Пресвета Троица.“

Свети Никодим Светогорец дообјаснува: „Богоносниот Максим смета дека задачата на ѓаконот е, по пат на морален напор, да ги очисти другите од нивните страсти и лошите помисли; задачата на презвитерот е да ги просветли другите со природно созерцание на внатрешните принципи (логоси) на сè постоечко; и, на крај, задачата на Епископот е да ги восоврши другите во светлината на внатрешните принципи (логоси) на богословието [возење трактор е симпатично, но ќе се согласиме дека воопшто не е Епископски идеал]“.

 Свети Дионисиј Ареопагит истото го вели вака: „Епископите (епископскиот чин) во потполност ја поседуваат моќта на просветлувањето… Нивната задача [внимавајте точно што е  епископскиот идеал] не е само да просветлуваат, туку и да восовршуваат. Презвитерите се просветлени и просветлуваат, додека ѓаконите очистуваат и знаат да расудуваат.“

Светите Отци степените на духовниот развој ги одредуваат според видот на молитвата. Оние кои се молат само со уста и со разум, се на првиот степен – чистење на срцето, оние на кои им е откриено местото на духовното срце и аскетски се молат со умот внатре во него, се на вториот степен – просветлување на умот. Обожените ја имаат непрестајната (благодатна) умно-срдечна молитва, но за оваа тема во следната беседа.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, и прими нѐ и помилуј нѐ!

 

Митрополит Струмички Наум