Илузија – отсуство на благодатта Божја
 
 
 
 
 

Илузија – отсуство на благодатта Божја (31.07.2016 11:54)

Основа на илузијата се неочистените страсти од срцето (славољубие, среброљубие, сластољубие). Илузијата се појавува и нѐ опфаќа во оној момент кога конечно ќе се согласиме со демонската помисла за задоволување на некоја страст и ќе ја прифатиме во нашето срце, а кога благодатта ќе отстапи од нас. Надвор од благодатта Божја, сѐ е илузија. Значи, клучен е моментот на прифаќање на помислата, зашто тогаш илузијата добива доминантна и одлучувачка сила над нашето срце како духовен центар.  

Сите се наоѓаме во илузија – кој помалку, кој повеќе. Најголем проблем кај илузијата е тоа што таа нѐ одделува од Божјата благодат и реалност, дејствувајќи на секое можно ниво од нашето битие; токму и затоа ја сметаме за посеопфатна и понапредна заблуда од прелеста.

Илузијата не ни ги залажува само умот и разумот како прелеста, туку и самите чувства и целото тело. Што е најлошо, поради илузијата ја губиме и целата сила да му се спротивставиме на гревот и правиме нешто што никогаш не сме имале намера да го направиме, односно отпосле се чудиме како сме можеле истото да го направиме.

            Потребно е да правиме разлика кога сме заробени од некоја страст и кога не сме заробени. Кога сме заробени, илузијата веднаш се активира. На пример, штом ни ја повредат суетата, гордоста, односно високото мислење за самите себе, илузијата веднаш се активира, нѐ опфаќа и паѓаме под нејзина власт. А сосем друго е кога илузијата треба прво да продре во нашето срце преку демонската помисла, односно таа  да нѐ наведе на разговор, да предизвика насладување и на крај согласување и прифаќање.

            Значи, најбитно е да не влеземе во илузијата, односно во нејзините замки, зашто тогаш ја губиме силата да се бориме против неа. Бидејќи, штом еднаш се влезе во просторот на можноста или на објектот, како и во времето на илузијата, тешко се спасуваме од гревот, особено ако сме станале зависници – ако илузијата станала навика. Големината на илузијата е соодветна на отсуството на благодатта Божја.

            Во одредена мера сѐ е илузија – додека сме на првиот степен од духовниот раст (очистување на срцето од страстите), освен словото на духовниот отец. Внимавајте, не реков дека не е илузија нашиот однос кон духовниот отец, туку неговото слово кон нас – според кое треба да се раководиме.

Што треба да направиме за да се спасиме од оваа гревовна и демонска состојба наречена илузија, откако ќе бидеме заробени од неа, под услов навреме да се освестиме и да ја забележиме?

            Исповедта пред духовниот отец – поврзана со аскетско покајание и послушание, најчесто целосно ја обессилува илузијата, зашто го отвораме срцето, односно го откриваме местото од каде што илузијата дејствува и се откажуваме од неа, за истото повторно да биде заземено од Божјата благодат.

            Второ, треба да си одговориме на прашањето: ја бараме ли ние како христијани Божјата правда или човечката? Кога во моментот на некое искушение или повреда од страна на некој друг се проверуваме дали во тој момент нашите мисли, чувства, зборови и дела се слични на Христовите, и се поправаме себеси според истото, тогаш ја бараме Божјата правда.

            И трето, кое произлегува од второто: барајќи ја Божјата правда, ние секогаш – ама баш секогаш, проблемот го пронаоѓаме во себе, во нашата несличност со Богочовекот Христос. Оној што проблемот го пронаоѓа во другиот, отпаѓа од Христовата благодат и влегува во просторот на демонската илузија. Кога веќе проблемот го пронаоѓаме во себе, ние самите себе се поправаме, а не другиот. Колку некој треба да е отпаднат од Христос за да не го сфати ова?

            За жал, илузијата ја има таа сила над нас – сето ова погоре објаснето во момент на искушение да го забораваме. Затоа, Отците инсистираат на аскетски подвиг – прво да научиме и запаметиме, а потоа и да се принудиме да го восогласиме нашето однесување, нашите зборови, мисли и чувства со Христовите, иако во моментот на илузија ништо од тоа ниту чувствуваме, ниту сакаме да направиме.

            Господи Исусе Христе, преку Богородица и прими нѐ и помилуј нѐ!

 

Митрополит Струмички Наум