Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (17.07.2016 09:57)

Последиците од Христовото Воплотување

 

Пишано е во Новиот Завет дека „секој дух што не признава дека Исус Христос дошол во плот не е од Бога; тоа е духот на антихристот“ (1. Јован 4, 3). Ајде да видиме што точно значат овие зборови.

Според свети Максим Исповедник, што е и учење на самата Црква: „Првиот човек беше повикан во себе да ја обедини целината на создаденото битие; истовремено тој требаше да го достигне совршеното единство со Бог... Тогаш и Самиот Бог од Своја страна би му се дал на човекот, така што [човекот] преку овој дар – преку благодатта – би го имал сето она што Бог го има по природа. На тој начин би се извршило обожението на човекот и на целиот создаден свет. Оваа задача што му била дадена на човекот, бидејќи не ја исполнил Адам, се оствари преку делото Христово, Вториот Адам“.

Сакам да ви го насочам вниманието на фактот дека со делото на Богочовекот Христос се обожи не само човекот, туку и целиот создаден свет. Со други зборови, според светите Отци на Црквата, една од последиците од Христовиот Домострој на спасението е и обожението на сѐ создадено, на сета твар (види: Рим. 8, 18–24). Она што единствено останува неосветено и необожено се демонската, како и човечката слободна волја, кои тежнеат кон грев, а што е последица на дуализмот, на непреобразеноста на умот.

Оттука па натаму, веќе станува излишно да се говори за обожението на Пресветата Владичица наша Богородица и Секогаш Дева Марија – преку Која се обожија и сите свети (сите оние што сакаа) и сета твар, но веќе станува јасно зошто се суштински битни сите Свети Тајни на Црквата – посебно Светата Тајна Крштение, Светата Тајна на Телото и Крвта Христови и Светата Тајна на Апостолското Преемство (хиротонијата на Епископите и епископоцентричноста на Црквата); исто така, зошто е битно почитувањето и целувањето на Светите Икони, Светиот Крст, Светите Мошти, и зошто е битно земањето благослов преку бакнување рака на свештено лице или меѓусебно (бакнуваме Тело Христово), и зошто се битни многу други последици, кои се и го претставуваат нашето Свето Предание.

Но, правете разлика меѓу обожување и поклонување од почитување и целување. Сепак, Го обожуваме и Му се поклонуваме само и единствено на Бог – Света Троица, и на никој друг.

Учеството во целиот Домострој на нашето спасение, од Отецот преку Воплотувањето на Синот – од Богородица и Секогаш Дева Марија, во Светиот Дух, чии последици се обожението на човекот и на сѐ создадено, денес ни е овозможено во Светата Литургија (Евхаристија – Благодарење), каде што самите себе, еден со друг и целиот наш живот на Христос Бог Му ги предаваме, Кој пак, од друга страна Е Тој што ги принесува (на Отецот) и нам ни Се принесува, и Тој е што ги прима и ни Се раздава.

Целиот наш живот кој на Христос Бог Му го предаваме е сочинет и од сѐ што е создадено, од сѐ она од коешто нашиот живот зависи – од небото и од земјата, и сѐ што е на нив и во нив. А сето тоа, пак, се содржи во лебот и виното кои на Бог Му ги принесуваме во Светото Благодарење – во Светата Литургија, а кои таму се осветуваат, обожуваат и стануваат Тело и Крв Христови; со кои, пак, причестувајќи се и ние се очистуваме, просветлуваме и обожуваме.

Има уште многу да се пишува на оваа тема, но мене ми е битно да ја сфатите поврзаноста и хармонијата на сѐ создадено со суштинската Тајна на Црквата, а тоа е Светата Евхаристија (Благодарење), каде што на Бог, во и преку Христос, Му ги принесуваме Даровите што од Него ги примивме – самите себеси и сѐ создадено, а Он ни ги враќа (или ни се принесува) како обожено Тело Христово со Кое ние се причестуваме и Кое ние стануваме, заедно со сето она што претставува наш живот.

Затоа, негирањето на што било од она што го спомнав во овој текст како Свето Предание, односно како последица од Воплотувањето на Синот Божји, односно обожението на човекот и на сѐ создадено, го покажува и издава присуството на духот на антихристот – во оној што тоа свесно или несвесно го негира.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нас!

 

Митрополит Струмички Наум